Бразилскиот претседател Лула освои историски четврти мандат, противникот Болсонаро не го признава поразот

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва во неделата освои историски четврти мандат, соопшти изборниот суд во земјата. Овој неочекуван резултат ги поби анкетите, претходните практики и глобалното расположение против актуелните лидери, ставајќи крај на бранот изборни победи на десницата низ Латинска Америка.
Сепак, неговиот противник, сенаторот Флавио Болсонаро – најстариот син на поранешниот претседател Жаир Болсонаро – одби да го признае поразот. Тој најави дека ќе побара поништување на резултатот, повикувајќи се на одлуката на судија од Врховниот суд, донесена во неделата, со која гласањето беше продолжено за два часа.
Болсонаро водеше во првиот круг од изборите, но во вториот круг загуби со разлика од над 4 милиони гласови. Ова предизвика потрес на бразилските финансиски пазари, кои очекуваа негова победа. Неговото одбивање да го признае поразот потсетува на реакцијата на неговиот татко по поразот од Лула во 2022 година. Жаир Болсонаро никогаш не го прифати својот пораз, а подоцна беше осуден од Врховниот суд на 27 години затвор поради планирање државен удар со цел да остане на власт.
Според аналитичарите, поништување на изборите е малку веројатно, со оглед на тоа што разликата со која Флавио Болсонаро загуби од Лула е повеќе од двојно поголема од разликата со која загуби неговиот татко. Дополнително, и самиот изборен штаб на Болсонаро побара продолжување на гласањето поради дождовите во конзервативно ориентираниот јужен дел на земјата.
Марио Брага, аналитичар за Латинска Америка во консултантската куќа за проценка на ризици „RANE“, изјави дека во наредните денови се можни протести на десницата, но многу е малку веројатно дека тоа ќе доведе до промена на резултатот.
Инвеститорите очекуваат пресврт на претходните вложувања кои се потпираа на промена на власта, што ќе доведе до нестабилност на финансиските пазари во текот на наредната недела. Еден инвестициски фонд (ETF) кој котира во Токио и го следи бразилскиот индекс „Bovespa“ (1325.T), забележа пад од речиси 15 % за време на тргувањето во Азија по веста за победата на Лула, додека бразилскиот реал се соочи со остар пад во однос на американскиот долар.
Оваа победа претставува уште едно враќање на политичката сцена во кариерата на Лула – кариера која е исполнета со вакви камбекови. Лула е икона на глобалната левица и најдоминантна фигура во бразилската политика во текот на овој век. Овој 80-годишник беше во затвор од 2018 до 2019 година под обвиненија за корупција, кои подоцна беа поништени, што му го отвори патот да го победи Жаир Болсонаро на изборите во 2022 година.
„Тој е државник, великан“, изјави за Ројтерс Ерика Хилтон, левичарска пратеничка во федералниот парламент, која беше со Лула во Сао Пауло за време на броењето на гласовите.
Во одредени моменти, повторниот избор на Лула изгледаше како малку веројатно сценарио, бидејќи гласачите се разочараа од него и од неговата Работничка партија по години на корупциски скандали и пораст на цените. Истовремено, длабоките општествени промени направија поранешниот металец и синдикален лидер да изгледа како да нема допир со економијата која сè повеќе се потпира на дигитални платформи и со растечкиот број работници во неформалниот сектор.
Според анкетарите, излезноста, која беше поголема од очекуваната, му помогнала на Лула да победи. Леонардо Барето, коосновач на консултантската куќа „Think Policy“, изјави дека гласачите го избрале познатото што го нуди Лула, наместо новото што го претставуваше Болсонаро.
„Луѓето денес избираат помеѓу промена – проследена со одредена доза на страв – и познат пат, кој гарантира одредени права“, рече тој.
За време на кампањата, Лула укажа на своите претходни резултати, кои вклучуваат намалување на сиромаштијата и нееднаквоста, додека невработеноста, неписменоста и уништувањето на шумите достигнаа рекордно ниски нивоа за време на неговиот трет мандат.
Тој предупреди дека Болсонаро ќе ги намали социјалните давања, ќе ги поништи постигнатите социјални напредоци и ќе го препушти суверенитетот на Бразил на американскиот претседател Доналд Трамп, чиј Стејт департмент водеше кампања за враќање на семејството Болсонаро на власт.
Победата на Лула го лишува Трамп од важно засилување за блокот на пријателски настроени десничарски влади во Латинска Америка – блок што беше во пораст и кој ја прифати агендата на Вашингтон во однос на безбедноста и миграцијата.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе