Штип, 26.10.2017
- Според моите анализи вториот круг би завршил со разлика од 700 до 900 гласовиво полза на Бочварски.
Во Штип, има запишано 42.083 гласачи со право на глас на 80 избирачки места. Според официјалните резултати од Државната изборна комисија, во првиот круг за избор на Градоналник на Општина Штип состојбата е следна:
- Илчо Захариев од ВМРО-ДПМНЕ 13.966 или 48.10%
- Благој Бочварски од СДСМ 13.930 или 47.97%
Разликата помеѓу двајцата кандидати е само 36 гласа во корист на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев. Но, ако се погледне состојбата од бројот на гласови за членови на Советот, тогаш е евидентно дека има еден обемен „базен“ гласови кои би се прелиле на контото на Благој Бочварски, со што, според моите анализи, вториот круг би завршил со разлика од 700 до 900 гласовиво полза на Бочварски. Имено, Левица има освоено 624 гласови, како и листата на група избирачи на чело со Раман Демиров 536. Тоа се над 1000 гласови, кои главно ќе се книжат кај Бочварски, за што веќе пишував во една од претходните колумни. Она што во оваа прилика сакам да го потенцирам е „нужноста“ од победата на кандидатот на СДСМ, Благој Бочварски. Затоа, членовите и симпатизерите на Левица и оние што го дале гласот за Раман Демиров, неминовно треба да гласаат за кандидатот на СДСМ.
Левица на овие избори, како и на последните парламентарни, повторно влезе самостојно. И не згреши. Таму сè уште има доволно ентузијазам, енергија и храброст да го прави тоа упорно и упорно, без да згасне желбата. И благодарение на таа упорност, Левица се профилира како автентична алтернатива во постојното партиско сивило. А со тоа, ги стекнува симпатиите и константно ја зголемува својата популарност. Па така, на последните парламентарни избори, Левица освои околу 12.000 илјада гласови, додека на овие локални избори освои за 1000 повеќе. 13.205 вкупно гласови добиени на локалниве избори може да се сметаат за напредок за Левица во однос на последните парламентарни избори во 2016 година. При тоа, мора да се има на ум дека на парламентарните избори тие гласови се земени на скоро цела територија на Република Македонија (со исклучок на ИЕ 6 и 7), додека на локалниве, Левица имаше свои листи само во десет општини и град Скопје, што значи дека со тоа тој успех може да се смета за уште поголем. На следните избори, предвидувам дека нивната популарност ќе расте и дека соодветно на тоа бројките ќе растат. Тоа е за поздравување. Со тоа, Левица станува респектабилен политички фактор во Македонија и според бројките, не само според идеологијата, програмата и упорноста.
Но, во оние места на локалните избори, каде немаат доволно гласови за позначителен успех, тој успех би требало да го насочат кон успехот на самата општина. Во случајов, тој успех градот Штип го очекува со кандидатот на СДСМ, Благој Бочварски и гласовите на Левица ќе одат на негово салдо. Не само што тие се идеолошки блиски, но тоа би било сосема логично и од една друга, сосема едноставна причина. Имено, во случај кога централната власт ја имаат СДСМ, а процесите на децентрализација не се до крај завршени, секој друг избор освен Бочварски и СДСМ на локално ниво, би бил погубен. Тоа значи, дека во конкретниот случај, во вториот круг на изборите за градоначалник за град Штип, друг избор нема. Парадоксано Штип има само еден избор.
Кога би се прашувал лично, тоа секако е нешто што не би го поддржал во нормални околности. А кои се нормални околности? Нормални околности се: прво, нормална политичка култура, која подразбира фер политички однос помеѓу политичките субјекти, па макар тие биле и од различни политички партии и второ целосно завршен процес на децентрализација. Но, мора да си признаеме, Македонија не е Швајцарија. И јас би сакал да е, секако, но за жал не е. Таквата политичка култура на фер однос помеѓу позиција и опозиција овде уште долго нема да ја видиме. Особено нема да ја видиме во услови на не до крај завршена децентрализација, која всушност треба да ги обезбеди системски овие фер услови. При незавршени процеси на децентрализација, не постојат системски услови за фер односи помеѓу локалната и централната власт.
И она што ќе се случува доколку хипотетички победи ВМРО-ДПМНЕ со Илчо Захариев (иако според анализите направени делумно и овде и во една друга колумна, видовме дека тоа нема да се случи), ќе биде мачно за градот. Штип ќе биде заглавен во постојаната тензија на релација Захариев – централна власт. Единствена полза од тоа ќе има Илчо, кој позицијата нема да ја искористи за ништо друго, освен за сопствен пазар. Градот ќе остане заробен од тој меѓусебен пазар и конфликт. А системски услови за разрешување на тој конфликт и обезбедување на самостоен раст, рековме, заради незавршената децентрализација, не постојат. Тоа ќе го закочи градот, дефинитивно. Едноставно, на пример, Штип би се загушил во ѓубре и смет, додека градоначалникот би се натегал и пазарел со Советот кој е со мнозинство советници од СДСМ, а да не зборуваме за развој, кој треба да биде обезбеден со сериозна поддршка од централната власт.
Штип не смее да си ја дозволи таа ситуација и уште еднаш, по кој знае кој пат да биде запрен неговиот развој. Штип мора да ја искористи оваа шанса и да го динамизира сопствениот развој колку што може повеќе.