Тридневна жалост во Шпанија по железничката несреќа со 68 загинати

Шпанија прогласи тридневна жалост по тешката железничка несреќа во која загинаа 68 лица, а десетици беа повредени. Роднините на патниците очајно бараат информации за своите блиски, додека спасувачките екипи и натаму ги пребаруваат остатоците од уништените вагони, објави Гардијан.

Несреќата се случи во средата наутро на железничката линија што ги поврзува Мадрид и јужниот регион Андалузија. Воз на приватната компанија „Ирио“ (Iryo) запрел на пругата, по што во неговиот заден дел удрил воз на државната железничка компанија „Ренфе“ (Renfe). Од ударот неколку вагони излетале од шините во близина на градот Урда.

Според официјалните информации, уште 107 лица побарале медицинска помош во болница, од кои 15 биле во тешка состојба.

Лидерот на регионалната влада на Кастиља-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пахе, изјави дека е можно бројот на жртви да се зголеми.

Цивилната гарда отвори четири пунктови во Мадрид, Толедо, Кордоба и Севиља, каде што роднините можат да дадат примероци од ДНК за идентификација на загинатите. Во Кастиља-Ла Манча и Мадрид се организирани и пунктови за дарување крв.

Во училиштето во блиското село Урда, на околу 130 километри јужно од Мадрид, се собираат роднини кои бараат информации за своите најблиски. Екипи на Црвениот крст им пружаат психолошка поддршка на семејствата.

Несреќата повторно ја отвори дебатата за безбедноста на шпанската железничка мрежа. Во јануари, во судир на два воза кај Адамуз, во Андалузија, загинаа 46 лица, а десетици беа повредени. И во тој случај беа вклучени возови на „Ренфе“ и „Ирио“.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека е „неприфатливо земја како Шпанија да доживее две железнички несреќи со вакви последици во иста година“.

Причините за најновата несреќа се истражуваат. Шпанскиот министер за транспорт претходно зборуваше за „грешка“ и „необјасниви околности“ што довеле до судирот.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе