„Договорот е постигнат“: ЕУ и Велика Британија се согласија да ги ресетираат односите десет години по Брегзит

Европската Унија и Велика Британија постигнаа договор за обновување на меѓусебните односи, десет години по референдумот за Брегзит и шест години по официјалното излегување на Обединетото Кралство од ЕУ. Договорот беше постигнат на самитот во Брисел, а британската влада потврди дека преговорите се завршени, пренесува Гардијан.

„Договорот е постигнат – преговорите завршија. Сега двете страни ќе работат на неговата имплементација“, изјави портпарол на британската влада.

Според објавените информации, договорот опфаќа три клучни области: олеснување на движењето на младите меѓу Велика Британија и земјите членки на ЕУ, поедноставување на трговијата со земјоделски и прехранбени производи и повторно поврзување на системите за тргување со емисиите на штетни гасови.

Најзначајниот дел од договорот е новата програма за мобилност на младите, која ќе овозможи до 100.000 млади Европејци да живеат и работат во Велика Британија, додека британските млади ќе добијат реципрочна можност во земјите на ЕУ. Програмата ќе им овозможи престој до три години, а ќе опфаќа и можности за студирање и патување.

Вториот дел од договорот се однесува на трговијата со храна и земјоделски производи. Со усогласувањето на санитарните и фитосанитарните правила ќе се намалат контролите и административните процедури при преминување на границата за производи како месо, сирење, овошје, зеленчук и цвеќе. Според проценките на британската влада, ова би можело да донесе економска корист од околу 5,1 милијарди фунти годишно за британската економија.

Третата договорена област е повторното поврзување на британскиот и европскиот систем за тргување со емисии на јаглерод диоксид. Со ова, британските и европските производи, меѓу кои и челикот, ќе бидат ослободени од меѓусебните гранични давачки за јаглеродни емисии, што треба да ги олесни трговијата и работењето на компаниите.

Британскиот премиер Енди Барнам оцени дека договорите би можеле да придонесат за зголемување на британската економија за 0,5 отсто. Тој порача дека договорот ќе помогне во намалувањето на трошоците за бизнисите, но и на цените за потрошувачите.

„Ова е добар ден за Британија. Ова е добар ден за Европа и луѓето низ Европа и Обединетото Кралство ќе имаат вистинска корист“, изјави Барнам на почетокот на средбата со претставниците на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го оцени договорот како пресвртница во односите меѓу двете страни по Брегзит, истакнувајќи дека станува збор за обновување на пријателството меѓу долгогодишните партнери.

Сепак, преговорите за некои прашања продолжуваат. Меѓу нив е и прашањето за школарините на студентите од ЕУ кои сакаат да студираат на британските универзитети. ЕУ бара тие да плаќаат школарини по исти услови како британските студенти, наместо повисоки меѓународни тарифи. Лондон и Брисел се согласиле да продолжат со разговорите за ова прашање во следните шест месеци.

И покрај постигнатиот договор, неговата примена ќе следува по завршувањето на потребните правни процедури во двете страни. Според информациите на „Гардијан“, договорените мерки за трговијата со храна се очекува да почнат да се применуваат од март 2028 година, додека програмата за мобилност на младите е предвидена за периодот меѓу 2028 и 2030 година.

Договорот претставува најконкретен чекор кон подобрување на односите меѓу Велика Британија и ЕУ по Брегзит, но не значи враќање на земјата во Унијата. Велика Британија официјално ја напушти ЕУ на 31 јануари 2020 година, по референдумот одржан во јуни 2016 година.

Барнам претходно изјави дека треба да се разгледуваат сите можности за идните односи со ЕУ, вклучително и евентуално повторно членство, но нагласи дека таквото сценарио не е непосредна цел.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе