Руски бродови погодени од украински беспилотни летала покрај брегот на Либија

Руски воен брод бил потопен во неделата со украински дронови во близина на брегот на Либија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува Би-Би-Си.

Во нападот бил погоден и втор руски брод, товарен брод кој се користел за транспорт на оружје, тврди украинскиот премиер.

Во неделата наутро, владата која ја контролира источна Либија соопшти дека дошло до експлозија на воениот брод во пристаништето Бенгази, додека се закотвувал за да се снабди со гориво и залихи пред да се врати во Русија.

Во меѓувреме, либиското Министерство за здравство соопшти дека примило повредени лица од комерцијален брод кој бил цел на напад во близина на пристаништето. Засега не е јасно дали станува збор за истиот брод за кој Украина ја презеде одговорноста.

Москва сè уште не го коментирала нападот.

Во изјава објавена во понеделникот, Зеленски ја пофали „примерната украинска операција како одговор на руската војна“.

Тој напиша дека за нападот и потопувањето на корветата „Меркуриј“, еден од најновите руски воени бродови, биле употребени седум поморски дронови. Додаде дека бил уништен и борбен хеликоптер „Ка-27“.

Украинскиот претседател соопшти дека вториот брод бил „МВ Ангара“, руски контејнерски брод.

Мисијата на Обединетите нации во Либија изрази „сериозна загриженост“ по нападите и повика на „итна, независна и транспарентна истрага“.

„Либија не може да си дозволи и не смее да стане бојно поле за странски конфликти“, напиша Мисијата на ОН за поддршка во Либија (УНСМИЛ) на социјалната мрежа Икс.

Видеоснимки објавени на социјалните мрежи, чија геолокација ја потврди сервисот „Би-би-си Верифај“, го прикажуваат бродот погоден во утринските часови зафатен од пламен и густ чад. Сателитски снимки од компанијата „Планет Лабс ПБЦ“ исто така покажуваат брод во пламен во пристаништето Бенгази во 05:47 часот по Гринич.

Американската разузнавачка компанија „Вантор“ собрала сателитски снимки со висока резолуција, за кои тврди дека покажуваат руска корвета од класата „Стерегушчиј“ од проектот 20380 („Меркуриј“), закотвена во пристаништето во саботата. На снимките од неделата, најголемиот дел од истиот брод е превртен и потонат, а над водата се гледа само предниот дел од пловилото.

Владата за национална стабилност (ГНС), која е со седиште во источна Либија, соопшти дека рускиот брод, без да го именува или идентификува, го користел пристаништето во Бенгази врз основа на постоечки поморски договор.

ГНС додаде дека инцидентот од неделата е предмет на истрага и дека властите соработуваат со руските колеги за да го утврдат изворот на сомнителниот напад и кој стои зад него.

Владата го осуди нападот врз брод во либиско пристаниште, оценувајќи го како прекршување на поморската безбедност и напад врз суверенитетот на земјата. Од таму порачаа дека Либија не е страна во војната меѓу Русија и Украина, ниту во кој било друг конфликт надвор од нејзините граници.

Одделно, меѓународно признатата либиска влада во Триполи, Владата на национално единство (ГНУ), во соопштение објавено од државните медиуми предупреди на опасностите од присуството на странски сили и дозволувањето тие да користат објекти во земјата.

Од ГНУ оценија дека ваквите активности предизвикуваат „сериозна загриженост“ поради „ризиците што може да произлезат од вклучувањето на пристаништата и цивилните објекти во активности поврзани со надворешни конфликти, како и заканата што тоа ја претставува за животите на граѓаните и безбедноста на националните објекти и ресурси“.

Либија западна во насилство и нестабилност по соборувањето на нејзиниот лидер Моамер Гадафи во 2011 година, што доведе до формирање на спротивставени влади.

Бенгази се наоѓа на повеќе од 2.000 километри од руската престолнина Москва.

Во март, Русија ја обвини Украина дека го нападнала рускиот танкер „Арктик Метагаз“ во Средоземното Море, меѓу Либија и Малта, со „беспилотни поморски дронови“ лансирани од либискиот брег.

Покрај економските последици за Русија, ваквите напади ја отежнуваат можноста нејзината таканаречена „флота во сенка“ од танкери да извезува нафта и гас. Според експертот Харшави, нападите се доживуваат и како понижување за Кремљ.

Сепак, Москва не е единствената страна која ќе сака да реагира на најновиот инцидент. Бродот се наоѓал во регионот врз основа на договор со владата на источна Либија, која е сојузник на Калифа Хафтар, командант на Либиската национална армија.

Харшави вели дека Хафтар ќе го доживее нападот како лична навреда.

„Може да се очекува реакција од семејството Хафтар. Тие ќе постават прашања за тоа кој им дава засолниште на Украинците“, изјави тој.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе