Виница, 04.12.2017
Почитувана Министерке, не очекувам дека преку ноќ ќе се променат работите кои се креирани со години, но некои работи мојата младост и можеби неискусност не ми овозможуваат да ги сфатам.
За време на изборите се ветуваше дека никој нема да биде избркан од работа. По изборите ситуацијата е сосема поинаква. Отказни решенија на луѓе без решенија фрчат на сите страни. Поштедени се само луѓето што имале решенија или оние што се вечно со власта. Овие вторите бакнуваат рака за извинување секогаш кога ќе се најдат во опасност, за да се спасат. Едни исти подлизурковци што ги користеа и злоупотребуваа привилегиите на ВРО сега ги користат бенефициите на власта. Тие и всушност се клучните уништувачи на ова општество. И во Македонија и на крај на светот тие се исти. Тие лажни патриоти што се кријат зад бугарски пасоши, се ставаат во ист кош со луѓето кои ја напуштија државата за да си обезбедат подобар живот. Истите тие се плашат од уништувањето на идентитетот на државата, а не успеале да го заштитат својот.
Еден огромен апел до владата и вас како министер да го промените Законот за пензионирање. Ако сакате младите да останат во државата да пронајдеме клучни решенија, а не да креираме видеа и реклами. Голем апел и до пензионерите кои држат места и не сакаат да заминат во пензија поради удобноста и комфорот што професиите им ги нудат да ги отстапат своите работни позиции. Ослободете ги работните места од нивните канџи. Размислете како ќе е чувствувате вие кога вашето дете не може да се вработи бидејќи институциите се окупирани од пензионери што сакаат да работат. Дали немаше да заминат истите тие луѓе во пензија доколку работевте како текстилни работници или рудари? Кога ние младите ќе добиеме шанса за работа? Дали ќе дојдеме на ред од таквите како вас? Изменете го законот и ослободете ги работните места од нивните канџи.
Постои исклучок во ситуации кога постарите лица е неопходно да останат на своите работни места, поради недостаток на кадар и во тој случај целта ги оправдува постапките. Во приватното пак луѓето сами си обезбедуваат плата и оправдано е да работат до кога ќе сметаат дека треба. Допринесуваат за развојот на државата и заедницата. Сепак во никој случај не треба да се дозволи луѓе да ги окупираат државните функции како своја сопственост. Јавно апелирам и да се измени законот за бенефициран стаж за наставници, како што имаат луѓето кои работат во полиција. Постарите наставници да ги обучуваат помладите и да го споделат своето знаење со нив. Младите кадри да асистираат прво во наставата, па потоа да влезат во наставниот процес.
…Едни исти подлизурковци што ги користеа и злоупотребуваа привилегиите на ВМРО сега ги користат бенефициите на власта. Тие и всушност се клучните уништувачи на ова општество. И во Македонија и на крај на светот тие се исти. Тие лажни патриоти што се кријат зад бугарски пасоши, сe ставаат во ист кош со луѓето кои ја напуштија државата за да си обезбедат подобар живот. Истите тие се плашат од уништувањето на идентитетот на државата, а не успеале да го заштитат својот.
Мојата мајка е учителка и после 50тата година кај неа го нема истиот мотив за работа, кој имав можност да го гледам претходно. Седеше до доцна навечер да изработува нагледни средства за часовите. Сега јас сум нејзиниот асистент, бидејќи државата смета дека секој наставник треба сам да си го креира часот, да биде административен службеник и истовремено наставник. Од овие причини таа нема ниту време, ниту желба, ниту трпение да работи на надградување на наставата. Работи онолку колку што е неопходно за да го одржи часот.
Таа не е единствената што се соочува со тој проблем, таа е само примерот кој ми е пред очи и можам да го гледам секој ден. Начинот на предавање кај голем дел од наставниците е здодевен и комерцијален. Ништо не се променило со години, се претовара во рутина која ги дава своите резултати. Ним некој треба да и помогне. Од нив не треба да се очекува чуда. Нека ми простат чесните исклучоци кои секаде постојат, но ова е големата слика што се гледа.
Не сакам да си заминам од овде и сакам од своето мало гратче да ја ширам својата визија. Но истовремено сакам квалитетни луѓе да ги учат моите деца. Не сакам да ги носам во првото село каде што ќе слушнам дека работи некоја квалитетна наставничка како нашата Весела. Проверете ги резултатите што ги постигнале луѓето што конкурираат да работат во образованието. Проверете ги резултатите што ги постигнуваат наставниците, пред да добијат отказни решенија од политички причини. Занемарете го партискиот активизам. Нека конкурираат сите дипломирани наставници на регуларно распишани огласи. Направете квалитетна селекција. Дадете им шанса на сите да одржат часови и селектирајте ги според постигнувањата. Дел од неспособните кадри ќе останат во образованието, бидејќи нив партијата им обезбедила сигурност. Залагајте се да победи секогаш квалитетот. Не му давајте шанса на квантитетот, веќе ги трпиме и неговите последици. Ако сакаме подобро образование треба да го креираме. Да понудиме квалитетни промени и решенија, а не пасивно и немо да се помириме со судбината.
Кога јас учев странски јазик, конкуренција речиси немаше. Така спакуваниот концепт на предавање се менуваше доста бавно и многу тешко. Сега школа за странски јазици имате на секој чекор. Најголемите бенефиции од тоа ги имаат потрошувачите, односно децата. Часовите се надградени и се на многу повисоко ниво. Конкуренцијата носи успех, а монополот пасивност.
Еден позитивен пример веќе излезе на површина. Именувањето на Горан Иванов, за директор на основно училиште е нешто што секогаш со гордост го соопштувам. Неговиот придонес за квалитетно образование го гледав со свои очи додека растев. Истиот тој човек низ годините својот квалитет го покажуваше во својата училница. Истовремено токму тој е еден од учителите кои режимот сакаше да биде казнет за „лошото работење“ заедно со мојата мајка која имаше здравствени проблеми како резултат на сите тие стресови. Тажно е што казната беше за заплашување на луѓето, а не за подобрување на образованието. Сепак сеуште за вработување во образованието, една од клучните работи e партиската активност. Министерке вака ли ќе одиме до подобро образование?
Мојот омилен професор и идол неодамна издвои една убава мисла „Праведноста не се состои во тоа на секој да му се даде еднакво, туку на секој да му се даде неговото“. Дајте им еднакви шанси на сите да конкурираат, па нека победат најдобрите. Да создадеме квалитетен кадар. Да излезат на површина луѓе што ќе ја покажат својата креативност и ќе си ја сакаат работата. Кадар што ќе биде среќен кога ќе држи настава, а не партиска војска преку тајни огласи која ќе работи механички за парче леб. Секој треба да заработи, но кога ќе работите нешто од срце, тогаш успехот и напредокот се поинакви. Ако тоа не е утопија, како што општеството го доживува, тогаш спремни сме да креираме подобро образование.
Мојата фамилија околу 10 години се бореше со режимот и помина низ секакви бури и притисоци затоа што татко ми делеше поинакво мислење од останатите. Затоа што неговите идеали, некој ги злоупотреби. За да не биде уценуван, даде и отказ од работа. За возврат не бараме медали и плакети за опстанок. Сакаме само историјата да не се повторува. Не сакаме реваншизам. Не сакаме никому да му се случи тоа што мораше нам, нашите најблиски и неколку други. Моите родители не посакуваа туѓи милиони, за разлика од некои други.
П.С Писмото е напишано како дел од проектот за слобода на изразување и има за цел да ги промени работите што се повторуваат. Се надевам дека ќе допре до вас и дека заедно ќе успееме да создадеме подобро образование за сите деца кое нема да се базира на политичка определба.
Со почит,
Николина, сонувач за подобро образование кој визионира да стане медиумски едукатор