Штип, 07.12.2017
- На протестот на „Терористите“ не се појавија советниците од ПОДЕМ и СП. Се распаѓа ли нешто во опозициската советничка коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ?
Облечени во бели маици на чија предна страна пишуваше „И јас сум терорист“, осуммина од вкупно 11 советници од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата денеска ја „освоија“ големата сала на Општина Штип за по кратката „претстава за јавноста“ бргу-бргу да се повлечат. Иван Јорданов, координатор на советничката група, објави дека тие немало да присуствуваат на за денес закажаната седница на Советот на општината и дека нивната одлука ќе имала важност се додека актуелната власт не ги ослободела нивните сопартијци кои се притворени поради организација и учество во крвавиот настан во Собранието на Македонија за време на познатиот „Крвав четврток“.
Осуммината советници кои обзнанија дека се солидаризираат со притворените сопартијци, во кратката едноминутна претстава ги развеаја малите државни знаменца со извици „Македонија“, „Македонија“.
Јасно беше дека поради присуството на камерите и новинарите таа сценографија, тој мизансцен, таа патетична претстава беше смислена за да биде испратена порака до јавноста. Опозицијата на тоа, секако има право. Но дали имаше право да закочи усвојување на повеќе одлуки кои беа на дневен ред, а кои имаа значење за буџетот и нормалното функционирање на институции, друштва и поединци кои имаа упатено свои барања до Советот на Општината? На тоа преддупреди градоначалникот Благој Бочварски, кој беше меѓу нападнатите за време на насилниот упад во Собранието на Македонија за време на познатиот „Крвав четврток“.
„Приведени се луѓе кои го бранеа Уставот, го бранеа суверенитетот на Македонија, и тоа во време кога се ослободуваа сторителите на убиството на децата на Смилковско езеро. Затоа демонстративно ќе ја напуштиме оваа седница и ќе порачаме на Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство дека ако е грев да се сака Македонија дека и овде има луѓе кои што ја сакаат Македонија и кои што според нив се терористи“, рече Иван Јорданов.
Сите осуммина советници кои се појавија во бели блузи на кои пишуваше „И ние сме терористи“ се членови на ВМРО ДПМНЕ. Меѓу нив не беа нивните колеги- советници Тоше Тулиев од ПОДЕМ и Трајче Бурев од Социјалистичката партија. Во кулоарите се пронесе информацијата дека тие не се согласувале со начинот на кој нивните колеги одлучиле да протестираат…Покрај двајцата спомнати на седницата не се појави ниту советничката Билјана Ефтимова од ВМРО ДПМНЕ…
Јане Миланов, претседател на Советот на Општина Штип, порача дека не сака да навлегува во правните кавлифакции за лицата кои се приведени, оставајќи надлежните институции да си ја завршат работата.
„Човек не треба да биде некаков правен експерт за да донесе свој суд врз основа на грозоморните сцени кои што сите имавме можност да ги видиме на тој крвава четврток? Но, кој и колку треба да одговара за тоа оставам да одлучат судовите независно од тоа дали некој бил пратеник, дали бил началник или бил премиер, вели Миланов.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој на 27 ми април како пратеник во Собранието на Македонија и самиот беше еден од повредените, истакна дека денес правда барале токму оние кои што цели 11 години ја уништувалке правдата во нашава држава.
„На 27 април, на еден терористички начин, тие ги погазија и Уставот и законите во Република Македонија. Цел свет виде кој на сила влезе во Собранието на Македонија, чии глави беа раскрвавени, па токму затоа ми е чудно, како некој може да заштитува луѓе кои се обидоа да убијат пратеници во законодавниот дом“, рече Бочварски.