Штипска комунална интервенција во населба Баби
Штип, 23.01.2018
Во месец октомври минатата година штипскиот градоначалник Благој Бочварски имаше посета и на населба Баби. Во разговор со тамошните жители тој им вети поголемо и поинтензивно вложување во инфраструктурата на населбата.
„За мене зборот си е збор. Веќе во месец декември, 2017 година, по период на повеќегодишна пауза во урбаното уредување на населбата, ги продолживме активностите поврзани со уредување на градежното земјиште во станбена зона Баби 6. Иако овие активности започнале во 2014 година, а граѓаните редовно си ги плаќале комуналните давачки, по изведувањето на главната канализациона линија на улица 7, работите биле стопирани“, рече Бочварски про денешната посета на населбата.
Тој потенцира дека со негов налог активностите продолжиле онаму каде што застанале. притоа се дозаврши канализацијата и изведбата на водоводната линија на улица 7.
„Од вчера ги започнавме активности за изведба на водоводната и канализациона линија на улица 6. Очекуваме овие активности да завршат за петнаесет работни дена. Со ова обезбедуваме водовод и канализација за 22 станбени објекти на улиците 6 и 7 во населба Баби. Со подобрување на временските услови,овие улици ќе бидат асфалтирани“, порача градоначалникот.
Вкупната инвестициска вредност на овие проекти е околу 7,5 милиони денари. Средствата се обезбедени од Општина Штип, по програма за уредување градежно земјиште и буџет на ЈП „Исар“ Штип. Бочварски објави дека новата локална власт вовела строго наменско, транспарентно, домаќинско и одговорно користење на буџетските средства, преку редовно известување за сработеното.
„Градиме по план. Обезбедуваме инфраструктура за сите. Затоа што за нас сите граѓани и сите нивни потреби седнакво важни“, прокоментира Бочварски.