Штип, 12.02.2018
Општина Штип ќе ја плати котизацијата и за карате клубовите Штип, „Македонка“ и „Астибо“ додека на Сојузот на училишни спортови му додели 400.000 денари како финанансиска поддршка на неговата програма.
Ова денес беше одлучено на седницата на Комисијата за спорт при Советот на општина Штип.
„Ја плаќаме котизацијата од по 10.000 денари на карате клубовите „Македонка“, „Штип“ и „Астибо“. За тоа одлука донесовме денеска на Комисијата за спорт, а одлука котизација во износ од 4.000 денари да се плати и за кик боксинг клубот „Гладијатор“ е донесена на минатата седница на Комисијата“, вели Елмир Мандак, претседател на оваа комисија.
Комисијата има донесено одлука на сите клубови да им ја исплати котизацијата. Единствен услов е клубот да е регистриран во Централниот регистер на Македонија и да поднесе фактура од својата федерација за износот на котизацијата.
Комисијата донесе одлука и за условите за користење на вкупно седум училишни сали . Од нивното користење минатата година се остварени 800.000 денари, а овие пари им се вратени на училиштата согласно искористеноста на салата на секое од нив.