„Злетовица“ полека ја добива својата смисла
Пробиштип, 09.03.2018
Март е месец во кој се слави водата зашто 22 ден од овој месец е прогласен за Светски ден на водите. Во контекст на овој значаен датум istokpres.mk направи едно мало истражување во однос на искористеноста на регионалниот хидросистем „Злетовица“. Од денешното истражување во Пробиштип, Штип и Карбинци дознаваме дека овој регионален проект полека ја добива смислата на своето постоење. По долги години на скромна искористеност на нејзините потенцијали, денес сите општини кои треба да ги користат нејзините води во следните најмалку 50 години ги привршуваат проектите за прифаќање на водите од системот„Злетовица“.
„До овој момент водите ги користат општините Пробиштип и Свети Николе, но во последно време квалитетни подготовки за прифаќање на водите во своите системи ги прават и општините Штип, Карбинци и Лозово. Поради тоа се очекува во еден оптимален временски рок искористеноста на големиот воден потенцијал кој го има „Злетовица“ да биде на значително повисоко ниво“, вели Миле Илиевски, в.д.директор.
Општина Штип ги тестира можностите на системот и филтер станицата, а општина Карбинци работи на проект за изградба на филтер станица со што ќе се обезбеди водоснабдување на вода за 13 села со опфат на 83 проценти од жителите.
Општина Штип за која се наменети половина од вкупно 900 литри вода во секунда кои регионалниот водоснабдителен систем им ги овозможува на шесте општини (тука е и Кратово кое водата одамна ја користи) е во фаза на тестирање на можностите на филтер станицата во делот наменет за прифаќање и преработка на површинските води. Очекувањата се најдоцна до крајот на месец мај Штип, за почеток, да прифаќа по 100 литри вода во секунда и во комбинација со постојниот водоснабдителен систем од рени бунарите да има спокојно лето во поглед на обезбеденоста со најважниот човеков ресурс.
„Ние сме посветени на решавање на проблемот со имплементација на најнови технологии за преработка на водите, односно наместо водата да се преработува со песочни филтри што е застарена технологија, тоа да се прави со ултра филтрација. Во меѓувреме бараме пари за изградба на филтер станица и пат до неа што е сума од 1,8 милиони евра. Ние сме мала општина кои тие пари ги нема па се надеваме на поддршка од Владата на Република Словенија која во оваа смисла му помогна и на Штип, но имаме надеж и во Европските фондови“, вели Јордан Насев, градоначалник на Карбинци.
Оваа општина со изградбата на филтер станицата и прифаќањето на водите од „Злетовица“ ќе ги задоволи потребите на 13 села или на вкупно 83 проценти на жителите во општината. Карбинци сега се снабдува од бунарски систем.
Иста е состојбата и со општина Лозово каде исто така се вршат подготовки за прифаќање на водите од „Злетовица“.
„Познат е фактот дека овој регионален хидросистем ќе стане самоисплатлив кога ќе се реализираат и двете други фази. Првата од нив е фазата за наводнување на 4.500 хектари плодни ниви од кои 3.500 хектари во општина Пробиштип и 1.000 хектари во кратовско. Втората и најпрофитабилна е од областа на енергетиката, односно изградба на неколку хидроцентрали кои ќе произведуваат околу 50 милиони киловатчасови електрична енергија на годишно ниво“, коментира Илиевски за нашиот портал.