Штип, 28.03.2018
„На Балканот од 1991 година до денес не успеавме да затвориме ниту едно суштинско прашање. Ние не ги искористивме големите потенцијали од заедничкиот живот зашто се плашевме од реобновување на Југославија. Немаме инфраструктура, но имаме систем кој не изгради партнерски однос со компаниите, државата наместо да го штити интересот на приватниот сектор прва си ги наплаќа побарувањата, а нејзините обврски кон овој сектор изнесуваат 350 милиони евра“
Ова го рече Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија на денешната средба со педесеттина стопанственици од регионалните стопански комори на Штип и на Битола одржана во Градот под Исарот. На средбата присуствува и градоначалници на општини од овие региони.
Според Азески домашните компании биле одлични зашто и во тешки услови на стопанисување успеале да опстанат, да ги шират своите бизниси, да набавуваат нови технологии и да вработуваат.
„Ние денес, согласно новите светски движења мора да се определуваме за поинаков пристап. Сопственоста е декларирана, вие сте сопственици на вашиот капитал, и имате право истиот да го браните. А тоа значи почитување на склучените договори, значи да бидете почитувани од правосудниот систем…Моите фиоки се преполни со тајни рекетирања, со претставки на фирми. Имаме проблеми на релација капитал-труд, незадоволство постојано се искажува од двете страни. Тоа е така зашто кај нас не живее трипартитниот договор. Мора да се воведе вистински дуален систем во образованието, мораме да создаваме кадар кој му е потребен на стопанството, се договоривме за германскиот, но ако тој систем не профункционира фирмите ќе имаат проблем. Нашите фирми имаат работат во услови на многу проблеми, меѓу нив се и потрошувачката на скапата електрична енергија зашто го немаме ефтинот гас, немаме квалитетна работна рака, имаме држави во нашето соседство со кои немаме договори за соработка, како што се Грција и БИХ“, порача Азески.
АЗЕСКИ: Моите фиоки се преполни со тајни рекетирања, со претставки на фирми. Имаме проблеми на релација капитал-труд, незадоволство постојано се искажува од двете страни. Тоа е така зашто кај нас не живее трипартитниот договор.
БОЧВАРСКИ: Годинава во стопанството, од општинскиот буџет ќе вбризгаме до 1 милион евра како наша поддршка за општинската економија.
ВЕЛКОВСКИ: Стопанството од двете регионални комори во домашниот БДП учествува со 25 проценти. Тоа говори од колкаво значење е тоа за домашната економија.
Тој рече дека Стопанската комора со своите членки е пред решение на тие проблеми, но како пречка го оцени административниот капацитет на државата за кој рече дека е слаб за да може да испорача решавање на тие прашања во еден брз период.,
Азески за мошне позитивен го оцени фактот дека за првпат имаме двајца бизнисмен на чело на Владата, дека Македонија има млада екипа во ликот на градоначалниците кои ќе донеле нова енергија, се пофали дека Стопанската комора имала разбирање со Владата но и стави знак прашање по однос на резултатите за кои рече дека времето бргу ќе покажало дали ќе сме ги имале.
Според Мирко Велковски, претседател на Регионалната стопанска комора на Битола, во овој крај имало регистрирано над 5.500 фирми но само 20 од нив биле големи а 100 до 150 средни.
„Ние сме значајна алка во националната економија ако се знае дека во бруто домашниот производ учествуваме со 13 проценти. Ако на ова се додаде дека фирмите од Регионалната комора Штип во БДП учествуваат со 12 проценти, тогаш станува јасно нашето значење за економијата на нашата држава“, рече Велковски. Тој се пожали на тоа дека на стопанствениците од оваа комора многу им бил тежок патот кон надворешните пазари и побара да се направи заедничка стратегија по тоа прашање. Излезот го гледа во создавање големи и моќни компании. Велковски се пофали дека компаниите од неговиот регион имале воспоставено одлична соработка со бизнис заедницата на Грција и на Албанија и тоа дало одлични резултати.
Штипскиот градоначалник Благој Бочварски посочи дека во државата се создава поволна политичка и биснис клима.-„Имаме клима која станува се поповолна за бизнисот, ни се случуваат нови инвестиции, од нашиот општински буџет годинава ќе издвоиме до еден милион евра кои ќе ги вбризгаме во стопанството како наша поддршка“, рече Бочварски.