Штип, 01.04.2018
Регионалната телевизија К-плус со седиште во Штип на почетокот на месец ноември минатата година ја прекина програмата и удри катанец на главната врата во управната зграда на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“ каде што беше сместена. Настанот се случи пред последните локални избори, а зошто сопственикот на оваа телевизија која била дел од телевизиското царство на фирма под име ХД ТВ Канал плус со седиште на Бермудите, и која фирма во држав ава имала шест регионални ТВ, се одлучил на ваков чекор вработените не добиле информација.
Но, газдата пред ја затвори телевизијата „заборавил“ да им ги исплати последните четири плати на дел од дваесеттината вработени. Сега петмина од нив, по неуспешните петмесечни обиди да си го добијат заработеното, се одлучија своето право да си го побараат на суд. Судскиот процес ќе се одржи во текот на овој месец.
Меѓу тужителите се тројца новинари од Штип и по еден дописник од Кочани и од Делчево.
„Сакавме со убаво, со арно, со договор да си го добиеме она за кое напорно работевме тие четири месеци, но другата страна остана нема на нашето барање. Ние немавме друго решение освен правдата да ја побараме пред Општинскиот суд во Штип“, ни рекоа дел од новинарите-тужители.
Кај дел од нив останала нешто од снимателската опрема, а сопственикот преку директорот на телевизијата си ја побарал назад но новинарите не сакале да ја вратат чувајќи си ја како евентуално обезбедување за наплата на побарувањата. Истовременео, телевизијата во Кочани, за потребите на тамошното дописништво имала стан кој ведаш по затворањето сопственикот го продал за 40.000 евра но од тие пари не биле исплатени вработените.
Оваа телевизија се сметаше блиска до бившата власт, градоначалниците од регионот финансиски сериозно ја поддржуваа иако во регионот, во Штип, постојат уште две други регионални ТВ, па и од овој апсект останува отворено прашањето зашто во вака финансиски пријатни услови на вработените не им се исплатени платите.
Одговорот, се очекува да биде даден по судскиот процес овој месец.