Штип, 05.04.2028
„Во нашава држава имаме високо ниво на невработеност од 22,4 проценти, а компаниите се повеќе се соочуваат со немање работници. Од близу 192.000 невработени 102. 834 лица бараат работа а околу 89.000 се водата како пасивно невработени, но и покрај овој факт нашето стопaнство мака мачи да обезбеди доволен и квалитетен фонд на работници. Владата преку своите оперативни мерки за вработување, со 17 милиони евра и помага на деловната заедница za фирмите да најдат работници, а оние кои бараат работа истата и да ја најдат“, рече премиерот Зоран Заев на денешната средба со штипските стопанственици.
Според премиерот генералниот проблем кај нас е тоа што има премногу невработени со образование кое е несоодветно со потребите на националната бизнис заедница.
„Имаме луѓе, млади луѓе пред се кои завршиле несоодветно образование, а кои бараат работа. За таквите е неопходно да се изгради силен процес на преквалификација за работи за кои стопанството има потреба. Такви процеси има во многу земји од развиена Европа, а наша цел е преку практично образование и тренинзи да се дојде до трајно вработување при што тоа да биде од корист и на фирмите и на луѓето кои ќе се вработат. Ние денес во Штип, од стопанствениците од текстилната гранка, слушнавме дека немаат доволно работници, тоа го знаат и граѓаните, нашите луѓе знаат дека имаме дефицит со стручни кадри во угостителството, нема заварувачи, и од куп други дејности кои се посакувани и во кои платите растат. Од ваков аспект погледнато ваквите дебати за проблемите во микро заедниците ќе бидат важна алатка за нивно решавање и за надминување на овие проблеми“, напомна Заев.
Премиерот рече дека социјалниот дијалог мора да продолжи ако сакаме да создаваме доволно мотивација за младите да одлучат тука да живеат, да создават и да развиват семејства..
Сопствениците на конфекции од Штип му порачаа на премиерот дека проблемот со недостиг на работници дури и во услови на така голема невработеност е во тоа што над две децении во држвата се водела црна кампања против оваа стопанска гранка.
„Постојано се лансираат вести дека платите се ниски, дека работното време е од наутро до навечер, дека условите за работа се многу тешки, што е една голема лага. Ние сметаме дека е неопходно, заедно со Владата, да се направи нешто на менување на таквата перцепција. Со БИХ и Србија сме единствените држави во кои работното време не е осум туку 7,30 часа, кај нас продуктивноста е помала за половина од онаа во развиените европски држави, платите за оваа трудоинтензивна гранка се во горни граници, но и покрај сето ова секој ден се соочуваме со црна камапања против текстилот. А мора да кажеме дека има и неодговорно однесување кон работата од дел од работниците, па ако наутро во смена ни фалат помалку од пет работници, ние тој ден го сметаме за супер ден“, рекоа стопанствениците од Градот на текстилот и модата.