* На социјалните мрежи хит е необичната фотографија на охриганецот Мишо Јузмески – раскошни птици, симбол на воскреснувањето, застапени во мозаиците на раните христијански цркви
Охрид, 15 април.
Во Охрид, живее и твори писателот Мишо Јузмески, нашироко афирмиран, уште и како светски патник, публицист, полиглот, фотограф…
Воедно, Јузмески е најдобриот познавач на делото на холандскиот писател (“Свадбата на седумте цигани”) А. ден Долард на Балканот.
Основач на книжевното и изложбено катче “Култура 365”, во старото градско јадро, каде меѓу другото, се изложени и делата на Долард, првиот афирматор на Охрид во Западна Европа, човекот кому му се припишува доближувањето на Охрид и Македонија пред Холанганите.
Охригани му имаат подигнато споменик во рамките на “Холандскиот парк”.
Јузмески е плоден автор, подеднакво успешен и во литературата и во фотографирањето. Тој е еден од најобразованите туристички водичи,преведувачи и агенти во Македонија и на Балканот. Покрај својот мајчин македонски јазик, тој зборува неколку европски јазици: бугарски, холандски, германски, англиски, француски, италијански, српски и шпански…
Раскази и други текстови има објавувано во списанија и весници во Македонија и странство (Бугарија, Чешка и други земји). Има објавено неколку книги и други публикации. Неговата прва книга, романот „Премин во маглата“, е преведена на англиски и бугарски јазик, додека други дела му се преведувани на бугарски, чешки и холандски јазик.
Објавени дела: Премин во маглата“ – роман, (Скопје, 2005)„Нека биде светлина“ – есеи, (Благоевград, 2005, „Пофални слова“ – есеи, (Благоевград, 2006), Охридските бисери / The pearls of Ohrid – автор на двојазичниот текст (македонски / англиски) за фото монографијата на Никола Павлески (Охрид, 2007), “Елшани – живот меѓу каменот и водата“ – монографија, (Елшани, 2009), „Нашиот холандски пријател А. ден Долард“ – монографија, (Охрид, 2012)„Сто години копнеж“ – раскази, (Охрид, 2013)„Македонци, А. ден Долард и други Холанѓани“ – монографија, (Охрид, 2016).
Фотографии има изложувано на самостојни и групни изложби,, а некои се објавувани како илустрации во разни публикации.
Деновиве, хит на социјалните мрежи е неговата тазе фотографија, насловена: “Почесна смотра на пауните во Свети Наум”
– На почетокот на зимата пауните ги губат перјата кои повторно растат со доаѓањето на пролетта. Затоа пауните се земени како симбол на воскреснувањето и се насликани во мозаиците на раните христијански цркви – објаснува за “Слободен печат “ Мишо Јузмески.