ИНТЕРВЈУ: Соња СТАМЕНКОВА, градоначалничка на Македонска Каменица
Г-ѓа Стаменкова, во некоја рака Вие сте феномен. Прво, станавте прва жена-градоначалник во Каменица кое уште е нарекувано и „машко место“ поради рударството, и прва жена градоначалник во регионот. Второ, Вие сте првата личност која го делегитимира ВМРО ДПМНЕ кое суверено владееше се до последните локални избори. Оттука, какво е чувството во однос на оваа состојба?
– Ми претставува огромна чест и задоволство што каменичани гласаа без стереотипи, што гласаа жена да ја води Општината. Од друга страна, изборната трка беше макотрпна, а победата над ВМРО ДПМНЕ во Македонска Каменица е еднаква на „чудо“. Верувам дека граѓаните избраа правилно и дека во периодот кој е пред нас ќе ја оправдаме довербата.
Сите градови на истокот имаат „татко“ само Македонска Каменица има „мајка“? Хендикеп или предност?
-Веројатно ниту предност, ниту хендикеп. Заедно со останатите градоначалници сме подеднакво посветени да ја промениме сликата за македонскиот исток. Нашиот крај има огромен потенцијал кој мора да се искористи и преку силен економски развој да делуваме за создавање услови за подостоинствен живот на граѓаните.
Седум месеци сте на нјаважната општинска функција, каков е вашиот поглед на работата на Советот, со посебен осврт на однесувањето на опозицијата.. Дали и таа помага Македонска Каменица да биде уште поубаво место за живеење?
-Општинскиот Совет засега функционира нормално, а очекувано е дека позицијата и опозицијата ќе имаат различни гледишта по одредени прашања. Ние имаме мнозинство, но тоа не значи дека се однесуваме неодговорно и дека „туркаме“ одлуки по секоја цена. Напротив, и јас и Советниците сме посветени сите решенија да бидат во корист на каменичани и тие да можат да почуствуваат благодети.
Дали буџетот на Општината е доволен за реализација на зацртаните проекти, дали обезбедивте грантови од страна, донации…
-Општина Македонска Каменица има стабилен буџет кој ни овозможува реализација на проектите кои ги ветивме пред изборите. Веќе реализиравме значајни проекти, а работиме на уште неколку приоритети кои наскоро ќе бидат ставени во функција на граѓаните. Паралелно со тое, аплициравме и со неколку проекти на ИПА Програмата за прекугранична соработка во партнерство со бугарската општина Белица, а обезбедивме и донација за два проекти кои ќе бидат реализирани најдоцна до 28-ми август, односно за Денот на општината и рударите.
Стопанството се потпира на Рудникот.Оттука каква ви е соработката со менаџерскиот тим на САСА, помага ли нешто канцеларијата која рудникот ја отвори во градот?
-Соработката со менаџерскиот тим во Рудник „Саса“ е на одлично ниво и верувам дека нашата соработка и партнерски однос ќе продолжи и во иднина. Од пред некое време Рудникот има нов Генерален директор, со кој деновиве ќе ја оствариме првата средба, на која се надевам дека ќе биде потврдена заложбата за заедничко дејствување и реализација на многу проекти кои ќе бидат од јавен интерес. Канцеларијата која Рудникот ја отвори во градот е пред се за нивни потреби, но таму и сите заинтересирани граѓани можат да ги доставуваат своите барања, предлози и идеи кои се однесуваат на овој стопански капацитет.
Има ли Македонска Каменица можности и за стопаски разво надвор од рударството? Беше отворена индустриска зона има ли некоја нова фабрика во неа? Имаше некои идеи во однос на туризмот, се отиде ли чекор напред и во оваа област?
-Секако дека постојат неколку алтернативи за повеќестран развој на Македонска Каменица. За Индустриската зона е подготвена комплетна документација, во тој дел веќе се продадени неколку парцели за изградба на стопански капацитети и ние како Општина силно ќе се потрудиме на сите потенцијални инвеститори да им ги овозможиме потребните услови. Општинската администрација работи и на изнаоѓање решенија за поддршка и развој на малото и средното стопанство. Туризмот, исто така, е сериозна алтернатива со оглед на тоа дека Македонска Каменица има огромен, но за жал неискористен потенцијал. Се работат неколку проекти и за привлекување на поголем број посетители, и иако за тоа е потребен еден подолг временски рок, верувам дека ќе имаме успех и на ова поле.
Македонска Каменица како и повеќе градови од истокот има голем број млади во странство…Правите ли нешто тие да се вратат дома? Имате ли некоја општинска понуда за тоа?
-Точно е дека Македонска Каменица како и повеќето македонски општини се соочуваат со проблем со исселување на младите. За да се спречи овој тренд, општина Македонска Каменица е насочена кон подготовка на програми за поддршка на бизнис идеите на младите луѓе, а инвестираме и во подобрување на сите останати сфери, култура, спорт, што пак е гаранција за поквалитетен живот.
Јас верувам дека во овој мој мандат ќе создадеме услови за младите да остануваат тука, со наша поддршка да инвестираат во Македонска Каменица и сите заеднички да креираме успешна општина.
Пат, вода, струја…тоа е нешто кое секој граѓанин, секое семејство мора да го има. Имате ли уште села без пат до нив, без вода, ибез струја, ако ги имате како ќе го решавате тоа прашање?
-Централното градско подрачје не се соочува со вакви проблеми и најголем дел од инфраструктурните проблеми се решени, а она малку што останува ќе биде изградено во најкраток можен рок. Патната инфраструктура е еден од најзначајните предуслови за економски развој на Општината и до крајот на овој мандат барем деведесет проценти од руралните средини ќе имаат соодветна патна инфраструктура. Подготвени се и проектни документации за изградба на нови водоснабдителни системи за руралните средини и тие ќе бидат реализирани.
Во Македонска Каменица се отворија неколку коцкарници…Кој е вашиот поглед на оваа „мода“?
-Кога станува збор пак, за коцкарници, факт е дека тие постојат како и во сите останати македонски градови и работат во согласност со македонското законодавство. Мислам дека во Македонска Каменица има три, но немаме официјални податоци колку финансиски средства каменичани трошат во нив, а реално немаме направено и некое посериозно истражување какво е нивното влијание врз локалната економија.
Во однос на културата и спортот правите ли нешто кое не е поврзано со Денот на рударите кога имате големи манифестации?
-Општина Македонска Каменица ги финансира сите спортски клубови кои функционираат и речиси за сите ја зголемивме поддршката во однос на претходните години, со што се надеваме на поголеми спортски успеси и достојно претставување на Општината. Преку нашиот културно-информативен центар организираме стотина културни настани во текот на годината, но се разбира, Каменичко Културно лето е најпрепознатлива и најпопуларна. За неколку дена, на манастирско-туристичкиот комплекс „Еленец“ во село Цера ќе се оддржи уште една голема манифестација – „Бабина баница“ која е во организација на локалното Здружение на пензионери, и која привлекува илјадници гости од Македонија и од соседните држави.
Кога луѓето доаѓаат кај вас што најмногу бараат? На што се лутат, од што се задоволни?
-Најчесто граѓаните доаѓаат со реални проблеми со кои се соочуваат во секојдневниот живот и ние се обидуваме да им излеземе во пресрет. Се случува нивните проблеми и да не се во наша надлежност и тогаш им помагаме нивниот случај да стигне до соодветната институција. Најзначајно е што сме во постојана комуникација, и во континуитет сме запознаени со нивните проблеми и во зависност од нивните потреби ги утврдуваме приоритетните проекти за реализација.