Кочани, 21.06.2018
Загрижени од состојбите во такси-превозот во Кочани, одговорните служби од Полициската станица – Кочани и Општина Кочани денеска организираа состанок со претставници на Здружението на такси-превозници и поединци што се занимаваат со оваа дејност.
Состанокот има за цел да помогне да се устројат работите според законските уредби и со заеднички активности што побрзо да се воведе ред во такси-превозот.
– Сликата за состојбата во такси-превозот во Кочани е лоша. Се возат нерегистрирани возила, возат возачи без возачки дозволи и без лекарски уверенија кои го рушат угледот на такси-компаниите и ни се нелојална конкуренција. Над сè се и новите законски одредби кон кои се прилагодуваат превозниците,а кои налагаат нови фискални каси – што значат и нови трошоци – рече претседателот на Здружението на такси-превозниците во Кочани, Јоце Каров.
Поради ова,Каров истакна дека ќе упати официјално барање до Општина Кочани и до градоначалникот да помогне сите надлежни институции да се усогласат во дејствувањето, затоа што, како што рече, во вакви услови такси-превозот во Кочани ќе згасне.
Од Полициската станица – Кочани ја истакнаа потребата за поголем ред и дисциплина и во самите такси-компании, зашто само со целосно почитување на законите од нивна страна, ќе може да сезасили борбата против дивите таксисти.
–Факт е дека деновиве има засилени контроли на такси-превозниците од екипи составени од сообраќајната инспекција и полицијата, што се во функција на воведување ред во такси-превозот.Но, ние сме подготвени да соработуваме, зашто само така ќе може најлесно да се увидат неправилностите и да се работи на нивно отстранување – рече секретарот на Општина Кочани, Александар Јосифов.
Деновиве Општина Кочани излезе со повик до такси-компаниите и таксистите со изминати лиценци да ја продолжат важноста на лиценците за вршење такси-превоз на патници, како и на изводите на лиценците за возила со кои вршат превоз.