Штип, 26.06.2018
Со потпишување Меморандум за соработка, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Државниот Универзитет „Хаџи Зека“ од Пеќ, Косово отворија можности за соработка во повеќе полиња од образовната и научно истражувачката област. Според Ректорот на Универзитетот од Пеќ, проф.д-р Фадил Милаку, двата универзитети имаат големи можности за соработка.
–Како млад универзитет ќе започнеме со докторски студии, бевме на Факултетот за туризам на УГД, и планираме и ние да започнеме со студиска програма за гастрономија, каква што нема на Косово. Затоа најпрвин соработката ќе биде со ФТБЛ на Универзитетот „Гоце Делчев“, а ќе ги разгледаме си сите други можности, врз основа на студиските програми кои ги имаме – изјави проф.д-р Милаку.
За ректорот на УГД, проф. д-р Блажо Боев, потпишувањето на договорот за соработка е важен чин бидејќи станува збор за државен Универзитет кој има студиски програми кои се прилагодливи за нашите образовни курикулуми:
–Ова посебно се однесува на тие нови студиски програми кои тие би сакале да ги отворат, еве и во областа на гастрономијата, туризмот, менаџментот во туризмот кои ние веќе ги имаме. Ние сме отворени за соработка во тој поглед, како во поглед на студиските програми, така и во поглед на нашите кадри. Ќе работиме на заеднички меѓународни проекти, проекти во ЕУ, и мислам дека е добра прилика да соработуваме со Косово, во интерес на она што значи европска иднина на овој регион, бидејќи сите заедно треба да се гледаме во таа Европска иднина – изјави Ректорот на УГД, проф.д-р Блажо Боев.