01.07.2018
На месноста Каленица кај Штип денеска беше одбележана 105 годишнината од Брегалничката битка. На одбележувањето присуствуваа делегација на Општина Штип предводена од градоначалникот Благој Бочварски, претставници од српската амбасада, државниот секретар во Министерството за труд, социјална политика и боречки права при Влада на Република Србија, членови на здруженија, организации и слично.
„Оваа битка треба да служи како поука за тоа како народите на Балканот не треба да се однесуваат.
Она што треба секојдневно да го правиме е да подадеме рака секому и да се бориме против поделбите. Да имаме разбирање меѓу себе, да соработуваме и секогаш да имаме на ум дека богатството што Македонија го поседува е во различностите, а убавината е во обединувањето на тие различности. Сега е време да ги отфрлиме политиките на поделби, раздор и конфликт, кои се во спротивност со нашите и европските вредности. Наша должност и одговорност треба да бидат интересите на сите граѓани без исклучок. Ни требаат оптимизам, смиреност и одговорност, почит за минатото, но и одлучен чекор кон подобра иднина.
Да работиме на решавање на споровите и проблемите, да избираме решенија што обединуваат. Да учиме од историјата, а не да ја повторуваме. На темелите од минатото да градиме иднина“ истакна во својот говор градоначалникот Бочварски.
Битката на Брегалница била водена помеѓу Српската и Грчката армија од една и Бугарската војска од друга страна. Таа се смета за најкрвава битка во Втората Балканска војна. Всушност, Втората Балканска војна започнала со битката на Брегалница во која учествувале околу 306.000 војници. Во разни војнички униформи на двете страни учествувале и многу Македонци кои биле мовилизирани на едната или на другата страна. Историјата запишала дека се убивале брат со брат кои војувале еден против друг.
Оваа битка започнала ноќта на 30 јуни и траела до 9 јули, 1913 година, а во неа загинале над 50.000 војници. До битката дошло бидејќи двете страни не можеле да се договорат околу распределбата на териториите кои ги освоиле од Османлиското царство.