Штип, 15.09.2018
Стотина учесници во доброволната младинска работна акција „Плачковица 1975-1978“ кои во овој период го изградија патот од Карбинци до Плачковица во должина од 43 километри, се собраа денес во Штип и на планината Плачковица за да ја одбележат 40 годишнината од завршувањето н овој извонредно значаен инфраструктурен потфат.
Mладите ќе го продолжат акцијаштвото во Македонија
Командантите на акцијата Никола Кангалов и Никола Зенделов потенцираа дека во акцијата учествувале над 2.000 младинци, од сите републики и покраини на тогашна Југославија кои со својот младешки ентусијазам на народот му подариле вредна сообраќајница.
Киро Георгиев, долгогодишен младински активист од Кочани, напомна дека 16 години посветил на младинските работни акции.од кои две биле меѓународни.
Шоуменот Војче Китановски со другарите од бројните младински акции
„Го паметам секој ден, секој момент од тоа прекрасно дружење на младите од цела Југославија. Имавме силен мотив, желба и посветеност со нашиот младежки жар да допринесеме во изградбата на татковината. Нашата девиза тогаш беше „Ние го градиме патот-патот не гради нас“’, а тоа и вистински беше така. Работевме ударнички за приквечерта да се забавуваме со песни и ора, со рецитации и раскази кои ги создаваа бригадите“, ни рече Георгиев.
БОЧВАРСКИ: „Вие сте хероите на тоа убаво време, вашиот пример заслужува да се следи, на Штип му подаривте пат до планината Плачковица за што граѓаните на нашиот град ви се неизмерно благодарни“.
Познатиот шоумен Војче Китановски имаше стотина прегратки со своите акцијаши од, како што рече, најубавите години на неговата младост.
„Пред три дена во Скопје одбележавме 40 години од изградбата на автопатот Братство и единство кој ги поврзува(ше) сите братски народи и народности во тогашната наша заедничка татковина Југославија. Бев учесник на многу акции, меѓу другите и на Шамац-Сараево, изградивме пруга од над 240 километри, јас бев задолжен и за култуно-забавниот живот. Неизмерно сум горд на таа наша генерација“, порача Китановски.
Стојан Толевски за време на акцијашката работа го заработил прекарот „Буцо“.
„Имам над 30 работни акции, бев на автопатот Братство-единство, а по негово пуштање во сообраќај продолживме со акцијаштво во изградбата на Скопје. Голем дел минав во штабот во Катланово, а тоа се моменти, денови, месеци и години кои не се забораваат“, рече Толевски.
На средбата беа и поголема група младинци. Магдалена, Вероника, Сара, Филип, Христијан и Теодор ни рекоа дека се од скопските општини Илинден, гази Баба и Лисиче.
-„Тука сме за да ја осетиме атмосферата, ова е едно прекрасно искуство за сите нас од новата генерација, ќе направиме се акцијаштвото да го вратиме во Македонија“, рекоа овие млади луѓе.
Присутните ги поздрави градоначалникот Благој Бочварски.
„Вие сте хероите на тоа убаво време, вашиот пример заслужува да се следи, на Штип му подаривте пат до планината Плачковица за што граѓаните на нашиот град ви се неизмерно благодарни. Вие сте голема инспирација за младите за тоа како се сака татковината“, рече Бочварски и на сите им посака долг и среќен живот.
Акцијашите во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ го проследија филмот за првиот македонски претседател, ја разгледа неговата спомен соба, а потоа се упатија кон поранешното детско одморалиште на Плачковица до кое го изградија патот на нивната младост.