Штип, 04.10.2018
Од вечерва па до сабота Штип ќе живее со фестивалот на забавна музика „Макфест“.
Штипскиот градоначалник Благој Бочварски, кревајќи го фестивалското знаме, рече дека Штип со отворено и широко срце ги пречекува изведувачите и сите кои дадоа свој прилог „Макфест“ и оваа година да биде најдобриот фестивал на забавна музика во државата.
На прес конференцијата Владимир Дојчиновски, уметнички директор, порача дека вечерва, на првата фестивалска вечер, ќе настапат 16 изведувачи со исто толкав број композиции. –„Жрепката сакаше фестивалот да го отвори најмладата на годинашниот „Макфест“, а тоа е Сара Гигова која има 14 години“, посочи Дојчиновски.
И утре, на втората фестивалска вечер ќе бидат изведени 16 нови композиции, а и од првата и од втората фестивалска вечер во финалето ќе влезат по десет.
На двете фестивалски вечери ќе одлучуваат гласовите на „светото тројство“: стручното жири, публиката во салата и гледачите кои својот глас ќе го дадат преку социјалните мрежи.
Победникот на фестивалот ќе добие 5.000, второрангираната песни ќе биде наградена со 4.000 а третопласираната со 3.000 евра. Ќе има награди и за најдобар дебитант, за аранжман, за сценска изведба и за интерпретација.
Џина Папас Џокси кој вечерва настапува со танчарки од штипската група Bodyfit на Ева Пејова праша зошто нема награда за текст. –„ И јас се прашувам зошто нема таква награда, но ако и идната година останам на местото уметнички директор ќе направам се и оваа награда да ја имаме“, рече Дојчиновски.
Фестивалот се одржува во големата сала на Домот на култура „Ацо Шопов“ со почеток во 20,30 часот. Директниот пренос е на МТВ.