Штип, 16.10.2018
Даниел Трајановски е 69 годишна французинка која десет години живее во светиниколското село Ѓуѓанци. Нејзиното француско презиме е Ле Розик, а Трајановски станала во 1974 година кога се омажила за Раде, лично момче по потекло од спомнатото село во овчеполската рамница. Раде во Париз бил дојден да работи и да заработи за убав живот. Даниел е родена во Нанси, а 57 години живеела во градот на светлината, во Париз. Последните десет години таа се пронашла себе во малото село со не повеќе од сто жители.
Во Париз Даниел работела во Ер Франс како комерцијален референт. Нејзиниот Раде прво работел во Ситроен, потоа имал своја конфекција, а по неа и свој ресторан. Заработиле доста за убав живот.
На Даниел кај нас, во Македонија, се и е убаво, интересно, живо и живописно. Вели дека се одлучила за живот во нашата татковина која е и нејзина, откако со својот Раде се стекнале со пензија.
„Во Волкова купивме голем плац и изградивме убава куќа. Но, Раде си го сакаше родното село па во 2009 година, кога добивме пензија, одлучивме да живееме во Ѓуѓанци, во неговата стара семејна куќа. Подоцна изградивме и нова куќа во дворот од старата но минатата година Раде почина и јас останав сама. По негова желба го погребавме во Париз зашто таму се нашите три деца од кои јас денес имам четири внучиња“, вели Даниел.
Нејзе Париз не и недостасува, воопшто не жали за него, а и кога мора да отиде таму за да си ги види внучињата веднаш сака да си се врати дома..
„Мене во Ѓуѓанци ми е перфектно. Овде сите ги знам и сите ме знаат за разлика од Париз каде не си ги знам ниту соседите. Да бидам искрена и во Париз најмногу се дружевме со македонци, зашто тие таму знаат да си се организираат и да си живеат по обичаите од родната им Македонија. Овде животот е спокоен, мирен, луѓето во Ѓуѓанци се супер, сите меѓусебно се почитуваат. Тоа во Париз го нема, а тоа е оној силен лепак кој мене ме врзува за селото на мојот сопруг кое е и мое село“, порачува Даниел.
Таа не го владее добро македонскиот јазик. Но, вели дека тоа не некој хендикеп кој би и сметал во дружењето со соселаните. Не дека во Ѓуѓанци сите говорат француски, туку дека таа и селаните си се разбирале на еден свој, посебен начин.
„Јас научив по нешто македонски, иако тоа е многу скромно, а тие од мене научија по два-три збора француски, па нешто со зборови, нешто со мимики, со раце, со глава, со поглед па и со нозе некако се разбираме. Не, тоа воопшто не ни е проблем да се разбереме што сакаме да си кажеме. Одвреме-навреме ќе тркнам до Волково само за да видам како стои куќата. Имам таму една комшивка која ме информира за важните работи во врска со куќата“ вели таа.
Двапати од 2009 година досега и ја разбивале куќата. Ама таму немало нешто вредно за да се украде. Се што нејзе и значи е со неа во селото.
Нејзин став е дека македонците во странство одат од две прости причини: прво тука нема работа според нивните квалификации, и второ платите се многу мали. Укажува дека со плата од 200 или 300 евра не може да се живее и дека по ова прашање нешто треба да се направи.
„Мене ми е многу полесно, имам добра француска пензија но не е само тоа причина зашто го одбрав Ѓуѓанци за место во кое сакам да живеам. Овде воздухот е многу чист. Го чувствувам квалитетниот кислород кога го дишам, овде слободно можам да шетам по полето или блиската шума…А тоа е богатство кое нема цена“, посочува Даниел.
Таа ни потврди дека ќе остане тука до последниот момент од својот живот. Само во случај на, недај Боже тешка болеста, само тогаш би заминала кај своите деца во Париз. Во секој друг случај тоа не и е опција.