Штип, 17.10.2018
Десислава Минчева, бугарска уметница-сликарка, професорка на Националната академија на уметности во Софија, Бугарија, вечерва во Штип, во уметничката галерија Безистен приреди фантастична ликовна изложба. Голем број посетители кои дојдоа на отворањето на изложбата искажаа голема почит кон уметничкот дело на Минчева која по вторпат изложува во Штип.
За уметноста на Десислава Минчева говореше Зоран Читкушев од штипскиот музеј. Тој рече дека етаблираната бугарска уметница, која е позната и во многу држави надвор од родната земја, пред штипската публика се претставува со триесеттина свои слики инспирирани од природата и од луѓето.
Во кусиот разговор за нашиот портал уметницата Минчева рече дека со најголемо задоволство доаѓа да изложува во Штип, во Македонија.-
„Имав две изложби во Скопје, а сега можам да кажам дека две изложби сум имала и во Штип. Во Македонија сум изложувала само во овие два града. Немам многу слободно време зашто работам како професор по ликовна уметност на Академијата во Софија, сакам да бидам со моите студенти, а во исто време имам и многу понуди за изложби во и надвор од Бугарија, ни рече 54 годишната уметница.
Пошироко интервју со Десислава Минчева во кое таа говори за состојбата на уметниците во нејзината земја и на Балканот, за младите и нивната наклонетост кон уметноста, за третманот на уметноста во нејзината земја,за односот на медиумите кон уметничките настани, ќе донесеме утре на овој портал.