Штип, 21.10.2018
И по шеснаесет години од првото сознание дека Свети Николе е на право место по заболувања од рак на дојката кај жените, сеуште не е утврдена причинителот на оваа состојба. Ако во периодот 2002-2004 година аргументирано беше докажано дека овчеполската метропола е неславен државне рекордер во однос на ова заболување, во сите години потоа никој не се најде повикан да даде одговор на прашањето сега како на овој план стојат работите и, посебно која е причината за неспокојот кој постои меѓу понежниот пол. А во ова меѓувреме болеста наместо да се намалува таа прогресира.
„Пред десеттина години испративме допис до Министерството за здравство со барање да се направи ново истражување во однос на застапеноста на ракот на дојката кај нашата жена, а до денес одговор на тоа наше прашање не добивме. Ние и не знаеме дали таква анализа воопшто е правена, и ако е правена какви се резултатите од истата“, вели Даниела Панева, претседателка на Организацијата на жените на општина Свети Николе.
Ако немат одговор на ова важно здравствено прашање, исклучително агилната Организација на жени има своја аргументација дека бројката на жени заболени и лекувани од рак на дојка и други малигни болести енормно се зголемува. Притоа посебно загрижува фактот дека возрасната граница на заболените се намалува, односно меѓу новозаболените има се повеќе млади жени.
Суштинско прашање за жените во овој град е кој е причинителот на оваа појава. Организацијата на жени во сите изминатите години упорно се допишуваше и од надлежните институции во државата бареше одговор на ова важно прашање, но до ден денешен одговор не е даден.
„Ако го знаеме причинителот многу полесно ќе го решаваме проблемот. Но, ние засега живееме со проблемот само на база на претпоставки за неговите причинители. Се говореше за влијанието на одамна затворениот рудник за азбест Богословец од каде, според кулоарските муабети се ширела азбестната прашина до градот и селата, како „виновник“ се спомнуваше и некаков радиоактивен контејнер кој хеликоптер на НАТО за време на бомбардирањето на Србија божемно го фрлил во вештачкото езеро Мавровица, од каде градот до пред некоја година пиеше вода. Некои граѓани, онака кулоарски, ја спомнуваа и водоводната мрежа која во еден дел е со застарени азбестни цевки. Но, досега ништо од тоа не е докажано, па одговорот на најважното за нас прашање сеуште го немаме, а тоа е една мошне фрустрирачка состојба“, вели Панева.
Во Свети Николе по однос на ова прашање слушнавме и една неверојатна информација дека некоја научна институција предлагала градот да се дисплоцира, зашто бил лоциран во зона во која на здравјето на жените делувале некакви космички сили со кои нашата цивилизација не можела да се справи!
Нашата соговорничка Панева вели дека тие ќе поднесат ново барање до локалната власт за посериозно истражување за причинителот на заболувањето кое се повеќе ги плаши жените во оваа општина. Во Организацијата на жени знаат дека бројот на заболени се зголемува, но точна евиденција немаат зашто нашиот здравствен систем тоа не го овозможува. Имено, дел од жените заболени од рак на дојка се евидентираат само кај матичниот доктор, други се префрлуваат од еден до друг матичен доктор, а матичните доктори немаат законска обврска да пријавуваат новозаболени лица во ЈЗУ на локално ниво.
„Нашата организација на иницијатива на нашата тогашна претседателка Вера Златева која и сама беше заболена од оваа болест, кон крајот на 2004 година покрена иницијатива за формирање на група за самопомош. Ако тогаш во групата имавме до најмногу десет жени, денес таа бројка изнесува 42 жени. Она кое е до нас ние го правиме за да се справиме со болеста, но сé додека не се најде научно поткрепен одговор на прашањето за причинителот, нема да има поголем успех во борбата за намалување на бројот на заболени жени од рак на дојка кај нас“, смета Панева.
На иницијатива токму на оваа Организација на жени направени се промени во законската регулатива по што Свети Николе, а и некои други помали места добија мамографи, а прегледот стана бесплатен. Ианку, месец Октомври е интернационален месец за сензибилизирање на сите жени во светот во однос на подигање на свеста за превенција од рак на дојка.