ТРАЈКОВСКИ: Делчево и Виница на патот на свилата

Делчево, 22.10.2018

Општина Делчево и Општина Виница станаа членови на Урбаната алијанса на патот на свилата со што се запишаа како први општини од Македонија кои се дел од оваа светска асоцијација посветена на градење платформа за поврзување на градовите во различни земји и региони.

Ова за медиумите го изјави Горан Трајковски, градоналник на Делчево кој со неговиот виничка колега Ивица Димитров беа на голем самит во Кина. Трајковски го изјави и следново:

TRAJKOVSKI I IVICA VINICA VO KINA-Сертификатот и Меморандумот за разбирање и членство на Делчево и Виница беа потпишани на голема церемонија на Бизнис-самитот кој се одржа во градот Zhangjiajie во Кина.  Како градоначалник на Општина Делчево, ја имав таа чест и привилегија да бидам дел од овој Бизнис –самит на покана на Урбаната  алијанса, од каде се покриени сите патни трошоци.

Самитот се одржа  од 15 до 17 октомври, а на пленарна сесија, имав свое обраќање, како и презентација на Општина Делчево за спецификите за инвестиции во областа на туризмот и економијата. Во оваа прилика сакам да истакнам дека ова е прв пат од постоењето, Општина Делчево да доживее промоција надвор од границите на Европа, на исток во една од најбрзорастечките  економии во светот, Кина. На Бизнис-самитот пред 173 членки од 60 земји од светот, Делчево ги промовираше своите можности за развој, туристичките и економските потенцијали, како и владините економски мерки. Овој настан е од исклучително значење за нашите релативно мали општини, Делчево и Виница, но и за нашата земја, бидејќи овие две општини станаа рамноправни и полноправни членки, застанаа рамо до рaмо со градови од  Украина, Грција, Палестина, Полска, Турција и.т.н.

Очекувам пријателствата родени на овој Бизнис-самит да донесат нови перспективи за развој на Делчево, а всушност, и прифаќањето на поканата за членување во оваа Алијанса со симболично име-Патот на свилата беше прифатено со таа цел.

Инаку, Урбаната алијанса на патот на свилата е пријателска асоцијација на градови во различни земји и региони. Алијансата е посветена на промовирање и поврзување, споделување придобивки, културна и трговска соработка и пријателски односи меѓу градовите-членки. Мисијата на Алијансата е да се воспостави платформа за поврзување на градовите во различни земји и региони;  да се соберат ресурси, да се промовира прагматична соработка и да се бараат можности за инвестирање во различни сектори за членовите, но и да се зајакнува пријателството меѓу градовите-членки. Посебен аспект има промоцијата на културната и трговската размена меѓу градовите од различни земји и региони, за да се олесни нивното приспособување кон инвестициските и трговските потреби на 21-от век, и да се зголеми одржливиот и заеднички развој на градовите.

Урбаната алијансата на патот на свилата е здружение на градови од различни земји и региони врз основа на вредностите на еднаквоста, реципроцитетот и доброволноста. Таа има за цел да им помогне на градовите-членки да ги искористат можностите за развој и инвестициите и трговијата што ги носи Иницијативата. Очекувам, нашите општини, Делчево и Виница, да ги искористат придобивките што ги дава оваа светска организација

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе