Охрид 25 Октомври 2018
На Меѓународниот саем на книгата во Белград, чие 63-то издание се одржува под мотото Радоста на читањето , утре во 13, 45 ќе се одржи промоција на романот „Утринска молитва“ на македонскиот автор Петко Шипинкаровски.
Романот „Утринска молитва“, на српски јазик, го го преведе српската писателка и преведувачка, Снежана Дабиќ од Белград, додека издавач е Книжевното друштво на писателите од Косовска Митровица.
На книжевниот настан, пред бројните љубители на книгата на саемот, ќе зборуваат угледните српски автори Снежана Дабиќ – писател од Белград, Новица Соврљиќ писател и претседател на Книжевното друштво на Косово и Метохија и доц. д-р Раде Вучиќевиќ писател и литературен критичар од Пожега, Србија.
–„Композицијата на романот се темели на повеќе мотивски столбови, меѓу кои два се најјаки и најцврсти – Доброто што го победува Злото и корените како потврда на идентитетот, постоењето, битисувањето на еден народ кој, при тоа, не го загрозува идентитетот на другите народи, туку, напротив, показува љубав и жеба за слога и соработка на балканските простори и воопште помеѓу чоивечкиот род”, пишува, покрај другото, рецензентот Снежана Дабиќ.
Вториот рецензент, д-р Раде Вучиќевиќ, ќе додаде:„Петко Шипинкаровски со ова дело подигна уште еднн уметнички и књижевен споменик на праведољубието, вистинољубието, човечноста и заједничкиот живот на сите љуѓе, и да злото повеќее никогаш не се повтори, а наместо судири и омраза, меѓу луѓето, да владее мир, слога и толеранција“.
Претходно, романот Утринска молитва на Шипинкаровски, на 12. овој месец, доживеа светска промоција на Саемот на Книгата во Франкфурт на Мајна.
Романот Утринска молитва го издаде Издавачката куќа „Македонија Презент“ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Петко Шипинкаровски е писател и поет, преведувач, публицист, драмски автор, есеист и книжевен критичар. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, член на Здружението на новинарите на Македонија, почесен член на Друштвото на писателите на Србија и на Книжевното друштво на Косово и Метохија и надворешен член на Сојузот на независни писатели на Бугарија.
Добитник е на многубројни награди и признанија, а е преведуван и препеан на повеќе светски јазици.
Веле Митаноски