Штип, 25.10.2018
Јавното комунално претпријатие „Исар“ купи специјална машина за чистење улици. Машината денес беше јавно претставена пред медиумите во кругот на претпријатието.
Според градоначалникот Благој Бочварски, ова е еден убав ден за Штип.
„Денеска во нашето јавно претпријатие„Исар“ пристигна новото возило-метларка со коешто ќе постигнеме поголема чистота во општина Штип. Ова е прво вакво ново возило за коешто сум сигурен дека ќе даде големи резултати. Возилото е со вредност од 4,5 милиони денари плус ДДВ и има доста високи перформанси на работа. Ова возило може да се движи со 13 километри на час и да исчисти површина од околу 8000 м2 за еден час. Како за споредба со активна работа еден работник може да исчисти за еден час околу 1000 м2 што значи дека со активна работа ова возило заменува околу 8 вработени лица,“ рече Бочварски.
Според Живко Тасев, директор на ЈП „Исар“ инвестициите во јавното претпријатие продолжуваат и понатаму.
„Пред извесно време набавивме ровокопач со кој се зголемија потенцијалите и можностите за изградба на поголема метража на канализации и водоводи, што влијае на решавање на проблемите на граѓаните“, појасни Тасев.