Делчево, 27.11.2018
Во Делчево не е непозната формата на донирање, односно општествена одговорност на фирмите. Неодамна фирмата „Брегал“, за потребите на Дневниот центар за деца со попреченост во развојот донираше електрично комбе. Возилото беше промовирано денес, а по повод 3 декември, Светскиот ден на лица со попреченост во развојот. Ова возило ќе биде ставено во функција на сите училишта при организирање еднодневни екскурзии. Дека дел од делчевските фирми покажуваат хуманост и општеествена одговорност кон заедницата сведочи и примерот од пред две две години кога во голема хуманитарна акција и со поддршка на швајцарската фирма „Албиро“, партнер на делчевската текстилна фирма „Крзно“, беше набавено комбе за превоз на децата од Дневниот центар во Делчево.
За истакнувањње е дека по повод 3 декември, Светскиот ден посветен на лицата со попреченост, Општина Делчево заедно со основните училишта „Св.Климент Охридски“, „Ванчо Прке“, детската градинка „Весели цветови“, локалната јавна библиотека „Илинден“, Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во партнерство со Здружението „Бравура кооператива“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби, како и Советот на млади и Комисијата за еднакви можности, ја организира кампањата „Денови на хуманост- дарувај со љубов“.
Целта на оваа хуманитарна кампања има два аспекти. Првиот е да се подигне свеста на граѓаните за хендикепот, да се промовира подобро разбирање на полето на хендикеп, со фокус на правата на лицата со посебни потреби и придобивките кои ќе произлезат од процесот на интеграција на овие лица во секој аспект на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во нивната заедница.
Вториот аспект задира во полето на филантропијата и општествената одговорност на фирмите. Филантропските активности на едно претпријатие се, всушност, највидливиот дел од општествено одговорните практики. Поради тоа, тие имаат влијание врз имиџот на претпријатието кое ќе биде препознаено во јавноста како некој кој се грижи и вложува во благосостојбата на заедницата во која дејствува.
Неделата на хуманоста обединува неколку активности. Ликовна колонија во која активно во творење на ликовните дела ќе бидат вклучени лицата со попреченост и талентираните ученици од делчевските деветолетки, како и нивните професори и ликовниот уметник Петар Атанасов-Пепи. Нивните дела ќе бидат изложени на 3 декември во фоајето од Спомен- домот АСНОМ, и ќе бидат понудени за продажба. Средствата собрани од продажната изложба ќе бидат наменети за хуманитарни цели. Исто така, македонистите и талентираните млади поети ќе создаваат поезија која, исто така, ќе биде промовирана на 3 декември. Децата од Делчево ќе имаат можност да уживаат во премиерата на детската претстава „Црвенкапа и збунетиот волк“ во изведба на актерите од штипскиот театар. Претставата ќе се одржи в петок на 30 ноември во термините од 11.30 и 12.30 ч. Следна активност која ќе ја организираме наредниот период е спортскиот натпревар во Бочија-заедно ќе се натпреваруваат екипи составени од младите делчевски спортисти и лицата со попреченост во Делчево.
Инаку, Трети декември се одбележува уште од 1992 година, кога Генералното собрание на Обединетите Нации го прогласи за Меѓународен ден на лицата со посебни потреби и се одбележува насекаде низ светот.
Денес се смета дека најмалку десет проценти од светската популација или 650 милиони луѓе живеат со попреченост. Сепак, секоја држава се труди да им помогне на овие лица со посебни потреби со цел полесно пробивање низ животот. Во Република Македонија се проценува дека 10% или околу 200.000 жители се лица со инвалидитет.