Пехчево, 10 јануари, 2019
По пауза од десеттина година утревечер пехчевци ќе имаат можност да видат една ликовна изложба. Во овој општински центар во Малешевијата со своето творештво ќе се претстави штипската уметница Лена Ѓуриќ. Таа пред љубителите на уметноста во овој град ќе се претстави со 31 своја слика работени во техника масло на платно.
„Со посебно задоволство изложувам во Пехчево на покана на Домот на култура „Јане Сандански“, на градоначалникот Драган Тренчовски и на Ана-Марија Теохарова, директорка на Домот на култура. Пред неполн месец имав изложба во Делчево, а од организацијата на тамошниот Дом на култура и Општина Делчево како и од покажаниот интерес на делчевци сум исклучително задоволна. Убедена сум дека задоволството во Пехчево ќе биде двострано, и мое и на публиката“, ни изјави Лена Ѓуриќ.
Директорката Ана-Марија Теохарова вели дека изложбата на Лена Ѓуриќ ќе донесе нов ветер во културниот живот на нивниот град.
„Над десет години не сме имале ликовна или било каква друга изложба во нашиот град, затоа ја упатуваме нашата голема благодарност до уметницата Лена што прифати и при вака лоши временски услови да не удостои со своите слики и своето присуство на отворањето на изложбата. Со оваа изложба нашиот Дом на култура „Јане Сандански“ отвора ново поглавје во културниот живот на Пехчево“, вели директорката Теохарова.
Отворањето на изложбата е закажано за 11 јануари (петок) во 18 часот во Домот на култура „Јане Сандански“.