Штип, 01.03.2019
Ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев и ИфаЕлерајд , директор на фондацијата Фридрих Еберт во Скопје, денес потпишаа договор за меѓусебна соработка. Договрот предвидува низа заеднички проекти, а ќе започне со дебата која ќе ја организираат двете институции.
–Од 1996 година работиме во оваа држава. За нас е многу важно да се вклучиме во соработка со младите луѓе и студентите и иднината на ова општество. Затоа сме овде денес да го потпишеме овој меморандум за соработка со Универзитетот. Ние сметаме дека е многу важно да се вклучиме во соработка со сите низ државата, не само во главниот град затоа оваа соработка со штипскиот универзитет е многу важна за нас. Првата работа која ќе ја започнеме со Универзитетот е дебата за еднакво и праведно општество. Ќе организираме дебата на темата на даноците, ќе зборуваме за прогресивниот данок и бенефитите од него, а на дебатата ќе го поканиме и министерот за финансии Драган Тевдовски, изјави директорката на фондацијата ИфаЕлерајд.
Ректорот на УГД истакна дека соработката со оваа фондација е многу значајна и дека таа допрва ќе се продлабочува.
–Мислам дека ние како општество полагаме многу на соработката со германската држава и германските институции. Ние како Универзитет имаме соработка со многу германски универзитети. Оваа соработка е исклучителна важна за студентите за да се запознаат со се она што се случува во Германија, особено во делот на правичност и правична застапеност. Се надевам дека помошта од оваа фондација ќе биде огромна за нашиот универзитет во делот на тоа младите студенти да научат дека Европа е и во Македонија и дека таа може да биде дел од Европа и не мора сите да одиме таму туку можеме да ја направиме Европа овде, изјави ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев.
Меморандумот се потпиша денес, а првата дебата веќе е договорена со професорите на Економскиот факултет на УГД. Темата на која ќе се зборува е „Ајде да зборуваме за даноците“.