Штип, 16.04.2019
Тони Атанасов, претседател на Општинскиот изборен штаб на СДСМ, денес преку прес конференција се обрати до штипската и македонска јавност. Еве што порача Атанасов
Почитувани сограѓани,
Членството во НАТО и Европската Унија се стратешки определби на нашата држава уште од нејзината независност. Тоа беа едни од малкуте прашања за коишто постои консензус меѓу сите позначајни политички партии и меѓу голем број политичари од минатото, па сѐ до денес.
Како политичар и професионалец, Стево Пендаровски голем дел од неговиот работен век го има посветено на интеграцијата на нашата држава во овие моќни семејства. Стево во ниту еден момент не се поколебал што целата негова работна енергија, животно искуство и знаење го посветил на остварување на оваа цел.
Првата придобивка од Договорот од Преспа е нашето членство во НАТО. Нашата татковина доби покана за членство во НАТО, успешно ги заврши преговорите коишто токму Стево Пендаровски ги координираше, како национален координатор во НАТО.
Како претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски неуморно ќе работи на довршување на процесот на нашето зачленување во НАТО и ќе биде предводник на реформските процеси што ќе доведат до скоро членство на нашата држава во Европската Унија.
Овие негови обврски како претседател, Стево ќе ги остварува преку:
- Активна политика за градење стратешки партнерства со сите држави-членки на НАТО и на Европската Унија и со водечките личности во институциите и во НАТО.
- Поставување цели и задачи и следење на работата на нашите амбасадори и други дипломатски претставници во државите-членки на НАТО и ЕУ, во соработка со Владата и Министерството за надворешни работи, во остварување на оваа цел.
- Водење политика за континуирано модернизирање и обучување на нашата армија во соработка со Собранието, со Владата и Министерството за одбрана. Како нејзин врховен командант, тоа е основна државничка и патриотска должност на претседателот.
- Активно предлагање мерки и политики за интензивирање на економската соработка со нашите партнери од ЕУ и НАТО како најважна придобивка за нашите граѓани од нашето членство во НАТО и преговорите за членство во Европската Унија.
Почитувани сограѓани,
Претседателот е лицето на државата. За нашето успешно претставување, но и за остварување на основните стратешки интереси, потребен ни е претседател кој е стручен, способен и посветен, претседател кој со животно искуство и јасна мисла ќе ги реализира финалните процеси на интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ. Таков претседател добиваме во ликот и делото на Стево Пендаровски.
Со Стево одиме кон напредок и безбедна иднина. Заедно напред!