За Јорданов браната на Отиња е цртеж, за Бочварски проект кој економски ќе го зајакне Штип

Штип, 09.07.2019

ВМРО ДПМНЕ во Штип продолжува на дневна основа да ги напаѓа сите проекти за кои јавно ќе се изјасни градоначалникот Благој Бочварски. Опозициската партија ја задржа својата стратегија и во случајот со најавата дека Владата ќе ја помогне изградбата на браната на Отиња со 7,5 милиони евра.

Првиот човек на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Иван Јорданов на прес конференција рече:

-Оваа локална власт предводена од СДС веќе добро ни е позната по своите фото сесии, меѓутоа сега сликањето добива и сериозна конкуренција во цртеж – проектите. Граѓаните на Штип веќе две години можат да видат како локалната власт ја залажува јавноста со прикажување на цртежи од некакви си виртуелни проекти. Па така, до сега граѓаните на цртеж-проектите можеа да видат и добија Аквапарк најголем во Македонија, обиколница до Бањата Кежовица, исто така добија брана на река Отиња, 20 километри гасоводна мрежа и секако добро познатата жичара до Исарот, критикуваше Јорданови продолжи:

-Овие цртеж-проекти се само добра претстава за виртуелниот свет во кој живее и работи оваа локална власт. Сите ние знаеме дека сето ова е далеку од реалноста. Местата кои се претставени се обични ридови и ливади обраснати со трња и трева. Преку цртежи-проектите овие локални власти уште еднаш докажуваат дека се уметници во неспособност и неработење.

Бргу-бргу стигна одговорот од градоначалникот Бочварски кој даде и проширена верзија на процесот кој е жестокот критикуван од опозициската партија.

-Општина Штип заедно со Владата влегува во процес  на изградба на најзначајниот и најпосакуван објект за штипјани, БРАНА НА РЕКАТА ОТИЊА. Браната за Општина Штип и за граѓаните е многу значајна и таа носи економски развој на градот во наредните 15, 20 па и повеќе години. Носи трајно добро за денешните и идните генерации и е многу значајна заради тоа што многу претходни генерации во изминатите 35 години не успевале да најдат начини, можности, средства, политичка воља да изработат проекти за да се изгради ова вештачко езеро во близината на градот.

Оваа брана ќе го развие спортот, рекреацијата, наводнувањето на зелените површини, земјоделско земјиште, ќе го заштити градот од поплави, а во иднина може и да произведува електрична енергија, рече Боварски и ја „закачи“ опозицијата:

-Не можам да ја разберам паниката и стравот кај ВМРО-ДПМНЕ во овие денови откако заедно со Претседателот на Владата, Зоран Заев ја најавивме изградбата на најзначајниот проект за градот. Оттука кај мене се поставува прашањето, дали ВМРО-ДПМНЕ е против изградба на Брана на реката Отиња имајќи во предвид дека во изминатите 8 години ниту ја третираа како прашање, ниту ја проектираа, ниту пак ја ветија на последните локални избори дека ќе ја реализираат.Токму овде е големата и суштинска разлика помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие освен што во нивните мандати се занимаваа со асфалтирање на 2 сантиметри асфалт, сечење ленти  и правење спектакли од пуштање на чешми, мини мостчиња во коритото на река Отиња, од фонтани правење жардињери и слично, немаа визија за идниот развој на Штип, коментираше градоначалникот на Штип.

Тие „цртежи“ за коишто зборуваат се неопходната техничка документација за изградба на Браната, исто така и за изградба на Спортско-рекреативен центар Суитлак и за изградба на гасификација. Штип единствениот град кој во време на ВМРО-ДПМНЕ формирал јавно претпријатие за гасификација во 2012 година, а на крајот на 2017 година сеуште немаше започнат основен проект  за гасификација на Штип. Затоа оваа локална власт работи на проект за гасификација, проект за градски стадион, проект за СРЦ Суитлак, проект за Брана на реката Отиња, проект за обиколницата и многу други проекти за растот и развојот на Штип. Затоа ќе треба уште многу време за да сфатите дека без техничка документација или по вас „цртежи“ нема развој, нема инвестиции и нема напредок, рече Бочварски.

Првиот граѓанин на Штип потсети дека за само една и пол година оваа локална власт досега изградила паркинг платформа во централното градско подрачје, целосно нов кружен тек кој е дел од обиколицата кај населба Пребег, гради нова детска градинка во населба Сењак во вредност од речиси 1 милион евра, а инвестира и во градинката во Осми Ноември, Автокомадна и во централната градинка Астибо.-„Инвестиравме во сите основни школи.  Изградивме повеќе канализации и водоводи за една и пол година од колку ВМРО-ДПМНЕ во целиот мандат, го градиме водоводот во населба Балканска и ја намаливме цената  на водата за пиење за 10 проценти“, поентираше Бочварски.

Тој нагласи дека разликата помеѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ е огромна. –„Браната ќе ја изградиме ние, а ќе ја користат сите граѓани и денешните генерации и оние коишто доаѓаат после нас.Јас како градоначалник очекувам заедно да се радуваме и да ги поздравуваме успесите на Штип. Од опозицијата очекувам, идеи и предлози за доброто на нашиот град, но и доколку ги нема јас и Општина Штип ќе продолжиме вредно и посветено да работиме на подобрување на квалитетот на живот на нашите сограѓани.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе