Над 500 возачи од Радовиш возат преку наши фирми регистрирани во Бугарија

Радовиш, 30.09.2019

Од град на бакарот и тутунот Радовиш се претвори во град на транспортери и возачи. Во моментов над петстотини лица од оваа општина возат низ Европа со камиони со бугарски регистарски таблички. Овие камиони се сопственост на македонски бизнисмени од сферата на транспортот кои своите фирми ги преселиле во Бугарија.

-Радовиш како општина, според бројот на жители (28.220 според пописот од 2002 година)  процентуално има најмногу возачи во странство преку нашиот сосед Република Бугарија. Тоа е единствена можност фирмите да можат да возат низ Европа бидејќи Бугарија е членка на Европската унија. Тоа на нашите транспортери им го олеснува работењето, а е значајно пред се поради фактот дека околу петстотини семејства економски и социјално се обезбедуваат на ваков начин, вели градоначалникот Герасим Конзулов.

Градоначалникот на Радовиш имал и лично искуство во оваа сфера бидејќи пред неколку години и тој поседувал трансспортна фирма која работела на ваков начин.

Сопственик на транспортна фирма од овој град ни рече дека бројката на возачи која ја изнесува градоначалникот Конзулов е приближно точна. –„Во Радовиш од стопанската сфера освен рудникот Бучим речиси ништо друго не функционира. Се затворија големи фирми како „Јака табак“, „Декортекс“, „Јака 80“, ШИК „Плачковива“, ЗИК „Радовишко поле“, умре и угостителството кое порано вработуваше поголем број лица. Градот и општината и порано имаа многу возачи на камиони кои работеа во тие фирми, а дојде и една нова генерација која ги има потребните категории за да може да управува со големи камиони. Луѓето си бараат излез од сиромаштијата и безработицата, а ние сопствениците на транспортни фирми начин како да можеме да работиме низ Европа. Бугарија ни се најде да ги оствариме тие потреби, вели сопственикот кој не сакаше да јавно да му ја споменуваме фирмата и неговото име како нејзин сопственик.

Друга сопственик на фирма кој има дваесеттина камиони според европските стандарди ни рече дека целата приказна не завршува само со и во Бугарија.

-За добар дел од возачите Бугарија е само попатна станица да се стационираат во некоја од развиените европски држави, најчесто тоа е Германија. Таму тие добиваат подобри услови за работа, добиваат можност да заработат повеќе, си даваат отказ кај газдите и почнуваат да работата за новата фирма. Ние имаме луѓе од Радовиш кои на таков начин остранаа во економски најразвиената држава во Европа, а дел од нив потоа си ги повлекоа и семејствата. Најлошото е што тие говорат дека немаат намера да се враќаат дома, ни рече овој сопственик кој е загрижен поради фактот дека домашните транспортери и со формирањето фирми во Бугарија се соочени со недостиг од возачи кои им ги зема економски посилната европска конкуренција, вели нашиот соговрник и тврди дека Општина Кавадарци е лидер по бројот на возачи кои на разни начини се снаоѓаат и возат по европските патишта со каминони на други држави.

И во општина Виница ја има таа појава но не во толкав обим како во Радовиш. Градоначалникот Ивица Димитров ни потврди дека таква појава има и во нивниот општински атар, но во оваа општина најизразен одлив на работници има во Италија каде само во областа Пиемонте, на земјоделски, градежни и други работи работат над 4.000 лица. Толкав број вработени има и во целокупното виничко стопанство.

Преселувањето на транспортните фирми од Македонија во Бугарија носи неповолности по даночниот систем во нашата држава,бидејќи фирмите кои се регистрирани кај нашиот сосед таму ги плаќаат и даноците.

За оваа појава побаравме мислење и од Макам транс, но одтаму ни изјавија дека тие не знаат ништо за оваа работа и за новата, се позачестена појава на селење на наши транспортни фирми во нашето соседство.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе