Софија, 24. Октомври
– Вечерва, од 18,30 часот, во македонскиот Културно-информативен центар во Софија, ќе биде промовиран најновиот роман на академик Луан Старова – „Ервехе“, објавен на бугарски јазик.
Делото на Старова, пред бугарската публика, ќе го претстави класикот и великан на бугарската литература, Антон Дончев, кој, воедно, го напиша и предговорот на бугарското издание.
Вчера и денеска, во очи на промоцијата, бугарскиот печат е полн со информации за настанот, претставен како случување на годината, со најави и пошироки претстави за авторот од Македонија, кој напишал роман “како високо дрво, пуштило корени во земјата на Балканот”.
Најновото четиво на академик Старова, е претстава за мајката која го посветила животот на преживувањето на нејзините деца и семејство во бурни времиња на Балканот во 20 век, кога границите меѓу државите се менуваат и семејства се принудени да станат емигранти за да преживеат.
Романот, е препорачан и како пофалба за жената и мајката и во време кога се разнишани темелите на семејството, тој пишува дека „ќе биде направено најмногу за светот ако секој го сака своето семејство“.
Исполнета со многу љубов и топлина, оваа книга е за една мајка која го посветила својот живот на преживувањето на нејзините деца и семејство. Нејзината судбина е индикативна на фонот на големите катаклизми на Балканот во ХХ век, кога границите меѓу државите се менуваат, власта се променува, се создаваат и паѓаат империи, а цели семејства се принудени да станат емигранти, за да преживеат.
Границите на Балканот се толку променливи што и самата Ервехе доста често неможе лесно да разбере каде започнува и каде завршува туѓината и каде – татковината.
Во деновите кога некои, и тоа многумина, се обидуваат да ги извалкаат со кал ликовите на Жената и Мајката, Луан Старова создаде книга која е нивна пофалба. Сега, кога се клатат темелите на семејството, тој напиша: „Ќе биде направено најмногу за светот, ако секој го сака своето семејство“.
Академик Луан Старова е македонски писател од албанска националност, професор по француска литература, заменик-претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Неговите книги се преведени на многу јазици и имаат добиено големи литературни награди: „Роман на годината“, „Рацинова награда”, „Стале Попов“, „Жан Моне” за најдобар европски роман „Ангелус“ за најдобар роман во Централна и Источна Европа.
Веле Митаноски