Штип, 14.01.2020
Нова епизода од серијалот опозициската ВМР ДПМНЕ против владеачката СДСМ. Денес, тема на предизборното препукување главниот колектор во Ново Село.
-Сликата која ја гледаме во Ново Село, ја претставува нашата реалност за целокупното водење на градот од страна на Социјалдемократскиот сојуз.
Иако, минатата година беа неколку пати потсетени да ги санираат видливите дефекти на Главниот колектор за фекалии, сепак власта не најде време да го реши овој проблем. И неколку дена пред големиот христијански празник Водици, на очиглед на сите, фрлањето на светиот крст во водите на река Брегалница ќе биде проследен со фекални отпадоци.
Ова е доволен доказ како власта се однесува кон верските празници, животната средина, парите и здравјето на граѓаните. Неодговорност, несовесност и неажурност се зборовите со кои најсоодветно би ја опишале оваа власт. Ова не се празни флоскули, туку реална ситуација, која за жал, ја гледаме не само во несанираната цевка на колекторот, туку и насекаде низ нашиот град.
Партијата на власт, изгубена во рекетарските игри и матните зделки во четири очи, заборави на граѓаните и нивните потреби. Затоа, и овој Водици во фокусот на јавноста ќе биде не светоста на настанот, туку неоговорноста на локалната самоуправа во Општина Штип!
Ова, на прес конференцијата го рече Игор Ефтимов, портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип.
Нормално за штипските прилiки, на одговор не се чекаше долго. Само час-два по пресот на опозиционерите се јавија од кабинетот на градоначалникот Благој Бочварски.
-Вашата грижа за проблемите во градот ја видовме во изминатите 10 години, посебно што имавте два мандати да го санирате и овој но и многу други проблеми во општина Штип. Општина Штип прави напори до големиот христијански празник Богојавление-Водици проблемот со колекторската цевка да биде саниран, нешто за што вие не се ни обидовте да го решите, стои во објавата од кабинетот на првиот човек на градот – Благој Бочварски.