Штип, 23.01.2020
Делегација на јапонска агенција за развој „Џајка“ денес беше во посета на филтер станицата во Штип од која со вода се снабдуваат 45.000 жители на градот. Во придружба на градоначалникот Благој Бочварски како домакин и на Живко Тасев, директор на ЈП „Исар“ јапонската делегација изврши увид во работата на штипската филтер станица.
Оваа јапонска агенција со поволен јен кредит од 82,5 милиони долари стои зад изградбата на регионалниот водоснабдителен систем „Злетовица“. Џајка инвестираше финансиски средства и во реконструкцијата на филтер станицата во Штип, а педантните јапонци кои ништо не препуштаат на случајот денес извршија инспекција за тоа дали квалитетно се потрошени парите кои ги дадоа.
Делегацијата изрази задоволство од начинот на кој се врши реконструкцијата на филтер станицата заради потребата таа да може да ги прифати, да ги преработи и да ги дистрибуира површинските води од ХС „Злетовица“ кои доаѓаат до филтер станицата.
-Процесот на реконструкција е почнат од подамна, а ние денес ги запознав претставниците на Џајка дека Министерството за земјоделство има распишано јавна набавка за опрема и за изградба на уште еден објект овде со цел да со најнова опрема да успееме да добиеме вода од хидросистемот Злетовица“, изјави градоначалникот Бочварски.
Тој потенцира дека Општина Штип и ЈП „Исар“ се грижат Штип да биде стабилен со снабдување на вода во наредните години.
Јапонската делегација од Штип отпатува за Пробиштип каде со раководството на ЈП „Злетовица“ водеше разговори за состојбата на системот, а потоа замина на браната Кнежево во еден вид експидиција која со свое стручно око сака да ја види состојбата на браната која е со акумулативна моќ од 22,5 милиони кубни метри вода. Од оваа брана кон шест општини ќе бидат испуштани 900 литри вода во секунда од кои 500 литри се наменети за Штип како најголем град во регионот.