ШТИП: ВМРО ДПМНЕ вели дека доаѓал крајот на „бесната дружина“, СДСМ потсети на историска победа во Парламентот
Штип, 17.02.2020
Штип и штипјани сведочат на нова војна на зборови помеѓу опозициската ВМРО ДПМНЕ и владеачката СДСМ. Иван Јорданов, претседател на ОК на опозициската партија ги нарече социјалдемократите „бесна дружина“, а од СДСМ со писмено обраќање кон јавноста ја потенцираа, според нив историската победа во Парламнтот.
Но, да видиме што рече Иван Јорданов во името на ВМРО ДПМНЕ.
-Ова е почеток на крајот! Рекет дружината која беснееше во секоја област, која народот го исели и остави на питачки стап – почна да го губи тлото под нозете.
Времето на криминалните структури кои силуваа една држава, нација и закони заврши! За се ќе им суди судот на народот со пресуда која ќе значи бришење од политичката сцена.
Овие три години ќе останат запаметени и запишани на најтемните страни на македонската историја, по изнесените милиони во торба, по корумпирани и разрушени институции, шверцерско усвојување на закони, по неправдата нанесена на еден библиски народ, рече Јорданов и продолжи:
-СДС и јавачите на криминалот се минато во Република Македонија. Обновата е новата светла реалност. Бидете дел од неа. Ве повикувам заеднички да го донесеме новото добро за идните генерации.
Бргу потоа се јавија и од Општинската организација на СДСМ:
-Дојде крајот на неказнивоста на вмровските пулени кои се огрешиле пред законите. Преку нашата заложба за неселективна правда го донесовме Законот за јавно обвинителство, кој гарантира независен правосуден систем, но и одговорност и казнивост за сите што прекршиле закон. Oгромното мнозинство во парламентот постигна историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ. Нивната намера да го амнестираат партискиот криминал пропадна, порачаа од оваа партија.
Штипските социјалдемократи уште рекоа дека тоа е една од основите за напредок на државата кон Европската Унија. Дека нема такви манипулаторски зборови со кои вмровските криминалци ќе успеат да ја извртат вистината.
-А, одговорните политики на СДСМ покажуваат резултати во сите области:
Платите ги зголемивме во сите сектори. За само 2,5 години минималната плата ја зголемивме за 60%. Просечната плата има историски најбрз и највисок раст. Економијата од -1.8% за само 2,5 години повторно расте и до 4%. Невработеноста ја намаливме на историски најниски 17,1 отсто, отворивме над 60.000 нови работни места. Успеавме! НАТО е македонска реалност. Ја обезбедуваме иднината и безбедноста на нашата татковина. Остваривме историски успех, кој значи политички силна земја и просперитет на долг рок. Граѓаните се свесни за направените херкулеански напори и нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ овој наш напредок да го фрли во вода, во корист на вмровските тесни криминални интереси, порачаа од СДСМ.
Според оваа партија, на 12 април граѓаните ќе одберат прав пат, пат кој води кон уште повеќе работни места, инвестиции, економски развој, прогрес и просперитет.