Кочани, 07.04.2020
Три нови лица од Кочани се заразени од коронавирусот. Вкупниот број на евидентирани случаи од 1 април досега е 17 лица.
Од лицата над кои полициските служби постапуваат според решенијата за здравствен надзор и изолација, 9 случаи се во Зрновци, а 33 во Кочани.
Градоначалникот Николчо Илијев потсетува дека Општина Кочани веќе трета недела нуди логистичка поддршка за набавка и достава на храна и лекови на стари и изнемоштени лица.
Истакнувајќи ги улогата и значењето на здравствените работници во борбата против КОВИД-19, Илијев упати порака до нив:
– Во овие моменти кога светот води несекојдневна битка, на сите здравствени работници им го честитам Денот на здравјето. Од мое лично име и од името на граѓаните на Кочани им благодарам што со својата хуманост и пожртвуваност се борат за највредното нешто – животот.
Вие отсекогаш сте биле стожер во општеството, но товарот што го носите во овие моменти е непроценливо тежок, а вие имате историска улога. Ја имате нашата поддршка да истраете во борбата против болеста. Чувајте го вашето здравје за да можете да се грижите за здравјето на сите нас – истакнува градоначалникот.
Илијев додава дека најубавата честитка што можат граѓаните да ја упатат на здравствените работници е со тоа што ќе ги почитуваат мерките и препораките од надлежните и на тој начин ќе придонесат да го зачуваат своето, а со тоа и здравјето на тие што се грижат за нас.
Со вчерашната одлука на Владата, од 8 април се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.
(љ.а.)