ШТИП: ВМРО ДПМНЕ прашува каде е браната на Отиња, Бочварски поентира дека оваа партија не знае што е срам
Штип, 13.05.2020
Денес во две сопштенија во Штип кој политички и предизборно зоврива тема на препирка беше браната на реката Отиња. Од опозициската ВМРО ДПМНЕ излегоа со прашање каде е браната на оваа река. Веднаш потоа со писмена изјава се јави градоначалникот Благој Бочварски кој ги потсети вмровци дека не знаеле што е срам.
Пораката на ВМРО ДПМНЕ:
-Да постоеше натпревар за манипулација, Вие сигурно ќе добиевте пехар за освоено прво место! Лагата за браната на р. Отиња ја пласирате неколку пати годишно, најчесто пред избори, меѓутоа секогаш со различна содржина, па сами се заплеткувате во сопствените лаги. Веќе сте откриени и прочитани како буквар! Јасно е дека владата нема да го финансира проектот, преку кој градоначалникот цел мандат ја лаже јавноста.
Брана на Отиња ќе се направите тогаш кога ќе изградите жичара на Исарот, спортско рекреативен центар во Сутлакот, енергетско ефикасни фасади, гасификација на Штип…
Или, поточно, никогаш!, рекоа опозоиционерите.
Одговорот на Бочварски:
Брана на река Отиња е изворно наш проект, на оваа локална власт и затоа треба да ви биде срам да ја споменувате. Проектите и ревизијата СЕ ГОТОВИ, студијата Е ГОТОВА, земјиштето Е РЕШЕНО, се наоѓаме пред издавање на одобрение и распишување на јавна набавка за изградба на оваа Брана.
Непријатно и срамно е кога луѓе кои не направиле НИШТО за оваа брана, а ги интерсирале само паушалите од управните одбори, да го споменуваат овој капитален објект. Бидејќи вие од ДПМНЕ многу малку разбирате од оваа проблематика, нема да дозволиме да ги манипулирате граѓаните и ги уверуваме дека Брана на река Отиња ќе има, поентираше градоначалникот.
Наш став:
Актуелната Влада прва во историјата на независната ни држава донесе одлука со 7 милиони евра да ја финансира изградбата на браната на Отиња како капитален објект на кој штипјани чекаат безмалку половина век. Ваквата одлука со особено задоволство беше прифатена меѓу штипјани. За оваа година од државниот буџет за овој капитален објект Штип требаше да добие 3,5 милиони евра за почеток на работите.
Но, корона вирусот, огромните штети по националната економија, падот на БДП кој се очекува кај сите држави во светот погодени од вирусот, а со тоа и кај нас, предизвика привремен застој во финансирање на поголем број објекти во државата кои како такви можат да почекаат. Меѓу нив е и браната на штипската река Отиња.
Во овој важен детал кој опозиционерите намерно не го споменуваат лежи природата на проблемот кој и не постои. А не постои зашто привремен застој не значи и откажување на државата од поддршка на овој проект. Таа поддршка е неупитна.
Толку, колку нештата да станат сосема јасни.
И.Бојаџиски