Исплатата на пензиите од среда

Штип, 25.05.2020

Исплатата на мајските пензии почнува од среда, 27 мај. Над 320 илјади пензии ќе бидат исплатени предвреме и етапно, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Со предвремената и етапна исплата на пензиите, што се реализира втор месец, се овозможува поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:

– Во среда, на 27.05.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;

– Во четврток, на 28.05.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;

– Во петок, на 29.05.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;

– Во понеделник, на 01.06.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

Пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од среда 27 мај. Тие можат да ја подигнат мајската пензијата на банкомат или да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.

Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми.

Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје. Потсетуваме на обврската за носење лична заштитна опрема којашто ги покрива пределот на носот и устата и држење растојание од најмалку два метра при чекање ред пред и внатре во банките, – соопштуваме од Министерство за труд и социјална политика.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе