Делчево, 26.05.2020
Градежните работи за изградба на градската капела во Делчево се во завршна фаза. Во моментов се работи на финалната обработка на внатрешните ѕидови и на плафоните по што ќе се пристапи кон поставување на завршниот слој на фасадата на објектот. По завршување на градежните работи ќе се започне со уредување на ентериерот и поставување на потребните елементи.Проектот предвидува изградба на придружни и услужни објекти на гробишта – капела – мртовечница со ладилник и помошни простории. Како што информираат од економскиот оператор „ПАНЕЛ-М Мехаз“ ДООЕЛ од Тетово,изведувач на работите, градежните работи треба да завршат за еден месец.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски изрази задоволство од динамиката на работите и истакна дека изградбата на објектот ќе донесе значителни придобивки за градот Делчево.
– Со изградбата на градската капела се решава уште еден горлив проблем на граѓаните на Делчево. Погребот е тежок чин и треба да биде достоинствен, а со ставањето во функција на капелата, тоа и ќе го овозможиме. Проектот има големо значење, пред сè за граѓаните од православна христијанска вероисповед, истакна Трајковски.
Во рамки на парцелата предвидени се паркинг места за 16 лесни возила, како и пристап за возилото за носење на ковчегот во мртовечницата и пешачка патека за вработените лица и посетителите, како и парковско зеленило.
Инвестицијата е вредна близу 7 милиони денари со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.