Кочани, 12.06.2020
Заврши асфалтирањето на улиците „Ангел Донев“ во Оризари и „Маршал Тито“ во Мојанци, две од петте во населени места во руралните средини што се реализираат со средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Улицата во Оризари е со должина од 176 метри, со тротоари од двете страни, а градежните работи опфатија дренажа и решавање на канализацијата. Со асфалтирањето на „Маршал Тито“ (196 м) е изградена и последната неасфалтирана улица во Мојанци, со што тоа станува пример за инфраструктурно средено населено место.
Во завршна фаза е изградбата и на улицата „Михаил Арсов“ (264 м) во Прибачево, каде едновремено КЈП „Водовод“ постави фекална канализација за дел од домаќинствата што не беа поврзани на системот за отпадни води.
Со мерката 322 од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за Општина Кочани се одобрени средства и за улиците: „Тоде Паунов“ (219 м) во Долни Подлог, и „Ангел Стојчев“ (146 м) во Тркање, каде набргу ќе почнат градежните работи.
Градоначалникот Николчо Илијев истакнува дека реализацијата на проектите од патната инфраструктура во населените места значајно придонесува за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини и овозможува подинамичен и рамномерен локален развој. Илијев илустрираше дека во 2020 година од планираните 9,7 км улици и патишта во руралните делови на Кочани, 4,7 км веќе се изградени, а во тек е градбата на 2,5 км. Наскоро ќе почнат работите и на останатите 2,5 км.