Штип, 31.08.2020
Во свечен амбиент во аулата пред големата сала на Советот на општина Штип денес се одржа церемонијата на примопредавање на функцијата градоначалник на Штип. Како што е познато Зоран Заев како мандатар го предложи Благој Бочварски за министер за транспорт и врски, Собранието на Македонија тој предлог го усвои, со што градоначалничкото место во Штип остана упразнето.
Согласно Законот за локална самоуправа градоначалникот Бочварски го назначи Јане Миланов за заменик градоначалник. Јане Миланов има седумгодишен советнички стаж, а последните три години беше претседател на Советот на Општина Штип. Миланов, во изминатите три годни беше најблизок соработник на Бочварски поради што неговото поставување за заменик градоначалник не е никакво во изненадување и е сосема логично.
Обраќајки се денес пред советниците, новинарите и вработените во Општина Штип, Бочварски на сите им се заблагодари за одличната соработка, за која, како што рече, била од корист за градот.
„Ми беше чест да бидам прв човек на мојот роден град. Благодарам на сите мои соработници, на сите кои дадовте се од себе за доброто на градот и на неговите жители. Во изминатите три години поставивме нови стандарди на водење на институцијата, работевме напорно на изработка на големи проекти кои го придвижија градот напред“, рече Бочварски.
Како свој голем успех и успех на оваа локална власт тој ги спомена големите реализирани проекти меѓу кои новата детска градинка за 200 дечиња која е изградена по 35 годишна апстиненција во оваа чувствителна област, новиот челичен мост на реката Брегалница кој е изграден по пауза од 65 години, водовод во Балканска, 14.000 метри квадратни пешачки површини, нова обиколница со два кружни тока, аква паркот кој засилено се гради, кој е приватна инвестиција но Општината за него во еден ургентен временски период ги издаде сите дозволи за градба, покриениот базен кој се гради во месноста Суитлак, 50 реновирани улици во вкупна должина од 18 километри, 12 километри водоводи и канализација, наскоро ќе се започне со реализација на деценискиот сон на штипјани- Брана на река Отиња и нов модерен стадион….
Заменик градоначалникот Јане Миланов искажа благодарност за доверената функција и како досегашен претседател на Совет на Општина Штип ја потврди успешната соработка со Благој Бочварски.
„Имавме динамична соработка со досегашниот градоначалник Бочварски, која носеше многу проекти. Со истото темпо и со поддршката од граѓаните ќе продолжам да придонесувам за доброто на Штип и штипјани, се што е од Бочварски започнато во наредниот период ќе биде успешно и квалитетно завршено“ истакна заменик градоначалникот Миланов.