Брилијант ја затвори фабриката и ги отпушти сите работници

Штип, 12.01.2017

  • Фабриката за масло за јадење престана со работа испраќајки дома 70 работници на кои им ги исплати платите и им ги уплати придонесите заклучно со 31 декември 2016 година

Брилијант маслоФабриката за масло „Брилијант“, еден од најуспешните репрезенти на локалното штипско стопанство, која со децении го произведуваше познатиот прехранбен бренд „Брилијант“ ја прекина работата и ги отпушти сите 70 вработени. На сега веќе бившите работници сопственикот им ги исплати платите до крајот на минатата година и им ги подмири сите придонеси заклучно со 31 декември 2016 година.

Сеуште нема точен одговор зошто позната фабрика се реши на ваков чекор. Но, во Штип,во однос на оваа состојба и понатаму се присутни повеќе шпекулации и пикатни приказни предизвикани пред се од актуелната политичка состојба. Веста за затворањето на „Брилијант“ во Штип одекна како бомба, зашто за производителот на најреспектираниот бренд на масло за јадење во државата се мислеше дека е толку стабилен производен капацитет што проценките беа дека неговата суверена позиција никогаш и со ништо не би можела да биде загрозена.

Но, да ги видиме прво шпекулациите околу „Брилијант“. Првата чаршиска приказна гласи дека луѓе од актуелната власт му се јавиле на сопственикот Мите  Николов со ултиматум тие да ја купат фабриката, на што добиле одговор дека оваа фабрика не е на продажба.

Втората вест за која нашироко се говори во Штип е дека владеачката партија ВМРО ДПМНЕ пред изборите ултимативно побарала од сопственикот на „Брилијант“ да и исплати поголема сума во евра за изборни потреби, на што исто така добиле негативен одговор. По одбивањето на овие непристојни предлози, според шпекулациите во градот, владејачката партија, преку царината, го блокирала увозот на суровини и со тоа ја ставило фабриката пред свршен чин.

Третата шпекулација е дека на бизнисменот Николов му пропаднал голем бизнис во Индија и дека поради тоа тој се решил индискиот минус да го компензира со намалување на трошоците на работа во фабриката за масло во Штип. Дали тоа ќе значи и продажба на „Брилијант“ останува да покаже времето.

Коста Ташков, директор во „Брилијант“ ни изјави дека ништо од тоа не е точно. – „Точно е тоа дека работниците се отпуштени и фабриката престана со работа но тоа е резултат на многу високата цена на суровините на светската берза поради што натамошното производство стана неисплатливо. Кога на берзата ќе дојде до стабилизација на цените на суровините кои нам ни се неопходни, фабриката пак ќе работи“, ни изјави Ташков.

Каква и да е вистината факт е дека ова е една многу лоша вест за Штип зашто не е мала работа 70 семејства да останат без работа, а со тоа и без основни услови за живот.

(и.б.)

 

 

 

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе