Да ли печурката смрчка е една од причините за големиот број пожари летово на планините Плачковица и Серта?

Штип, 19.10.2023

Дождот кој падне пред некој ден им помогна и на штипските пожарникари малку здивнат од напорната, речиси секојдневна работа на гаснење пожари.

-Ова лето беше „најплодно“ со пожари во последните десет години. Во општините Штип и Карбинци летово гасневме 160 што поголеми што помали пожари. Главно гореа предели со сува трева и нискостеблеста шума, но неретко, кога огнот ќе се засилеше се префрлаше и врз квалитетна мешовита шума, вели Дарко Коцев, командир на Територијалната противпожарна единица која има надлежност на територијата на  двете општини.

Командирот Коцев од хеликоптер го надгледува теренот

Според Коцев, насекаде човечкиот фактор е главниот предизвикувач на пожарите.

-Да не беше така немаше да имаме нови пожари кога температурата на воздухот беше под 15 степени целзјусови. Во такви услови пожар не може да настане од фрлена, недопушена цигара или од чкорче. Тоа говори дека пожарите настанати при така ниски темпратури се намерно подметнати, коментира првиот штипски пожарникар..

Но, прашањето е зашто некој би правел такво злосторство против човекот и природата и кој е интересот на тие што тоа го прават.

Најчесто се смета дека пожарите ги предизвикуваат сточарите зашто за скоро време кога пожарот ќе биде локализиран под опожарената површина никнува  нова, свежа, зелена трева која е вистинска посластица за стоката.

Сепак, во оваа приказна неочекувано се вклучува и еден вид печурка која го има името смрчка.

-Луѓе кои ги познаваат планините и печурките ни рекоа дека шумата се пали намерно за да се дојде до печурката смрчка која најмногу расте под боровите дрвја, а се наоѓа релативно тешко. Смрчката е меѓу најскапите печурки кои можат да се најдат на планините Плачковица и Серта каде имавме најмногу пожари, па и желбата да се дојде до скапоцената печурка е можна причина за намерно предизвикување на пожари, укажува Коцев.

На оваа можност укажува и штипјанецот Горан Ивков кој добро ги познава планините и состојбата со печуркарството.

-Поради големата експлоатација, а со тоа  и можноста да ја снема на просторот на нашата држава, смрчката доби забрана за берење на период десет години што значи дека забраната сеуште е на сила, а забранетото овошје е најпримамливо за оние кои трагаат по него, ни рече Ивков.

Инаку, поради своите неспоредливи кулинарски квалитети, а и поради тоа што нејзиното пронаоѓање е мошне тешко, оваа врста печурка е меѓу најскапите кај нас но и насекаде низ светот. Но, поради нестручното берење и преголемата експлоатација е речиси истребена. Поради тоа не само Македонија туку и поголем број држави во Европа ставија мораториум на нејзиното берење, а мораториумот е на определен период не помал од една декада, како што е и кај нас. Но, ловците на скапоцени работи, меѓу кои е и овој вид печурка, не се плашат од ништо, а за да се дојде до неа најлесно е да се „исчисти“ тревата и со помош на пожарот смрчката да стане видлива. За нив секоја евентуална казна е ништо во споредба со можната заработка.

Во разговорот за нашиот медиум Дарко Коцев вели дека драгоцена помош во доброто справување со пожарите годинава дошла од Дирекцијата за заштита и спасување.

-Директорот на агенцијата Стојанче Ангелов ни стави на располагање хеликоптер за надгледување на територијата која е во наша надлежност што ни овозможи полесно и на време да ги детектираме дел од пожарите за на време да делуваме. На помош имавме и авиони за гаснење на пожарите, па се заедно ние сме задоволни од резултатот на нашата борба со огнената стихија за зачувување на природата и имотот на луѓето, вели Коцев.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе