Аларм: веќе, опасно, заостануваме и застрануваме!

Не чекате вие, туку ние ве чекаме вас, со децении, колку толку, да се впристоите и да заличите на нормална демократска и правна држава!

Не барајте вие средства од европските претпристапни фондови, туку европските даночници, од вас, треба да побараат одговор: каде се парите кои ви ги даваме?

Токму вака, малку  парафразирано, со две реченици, холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп ни ја плесна во лице целата вистина, не вкопа со два кроки потега, не нацрта во вистинското лице, ни ја направи видлива пред светот ета наша состојба на духот.

Веќе, постанува опасно и ризично нашето заостанување и застранување!

Аферите за криминмал и корупција се натпреваруваат на дневно ниво, законодавниот дом “штанца” закони со кои  ја доурнисува правната држава, ја поттикнува неказнивоста.

Властелата не убедува дека сето тоа било со намера да им се конфискува имотот на крадците, а,  всушност, сега ние, од нашите плати, пензии и други придонеси, треба да им ги платиме судските трошоци, мрсните хонорари за бранителите!!!

За сите има одбрана, освен за нас обично смртните, понижените, оставените…

Опасно заостануваме и застрануваме!

На времето, во замавот на хитлеризмот, Ернест Кремчар, психијатер и мудрец, вака ја опишуваше состојбата: “Досега тие беа наши клиенти. Сега ние сме нивни пациенти”!

Парафразирано, досега, криминалците беа клинти на нашето судство и овинителство. Сега судско-обвинителската власт е пациент на криминалците!

Да те чува Господ од тоа кога фукара ќе се збогати, парафраза за нобеловецот Иво Андриќ.

На времето, драгиот Црвенковски, Бранко де, на една трибина во Охрид, ја искажа својата резигрираност од тоа, кога не споредуваат со Бугарија и Романија. За Албанија не сакаше ниту да слушне.

А, денес!?

Нивниот актуелен премир, Еди Рама, човек од идеја, практика и растовареност од национална мегаломанија и заблуди, само пред една седмица, во Тирана ја собра  на едно место европската политичка елита.

Светот виде една нова европска метропола, истата онаа, која во времето кога Рама беше градоначалник ,беше прогласена за град на годината во светот.

А, ние, кутрички!?  Нашиот премиер можеше само да не теши дека, ете, кај да е, и кај нас ќе дојдат Макрон и Урсула!

Дали Албанија ќе се оддели од нас на европскиот пат, или не? Прашање е сега!?

Депласирано е прашањето. Таа е веќе, на практичен план, одвоена.

За да го видите тоа со свои очи и да направите разлика, дури и не ви треба да фаќате џаде до Тирана Појдете само до Порадец, или Корча. Тука, преку езерото.

Од другата страна на езерото никне нов, современ, урбан центар. Хотели, стамбени комплекси, велосипедско-пешачка патека, вдолж целата езерска линија од албанска страна. Од граница до граница.

Од границата откај север (Ќафасан) – современа сообраќајница. Од границата на југ – Свети Наум, современа сообраќајница до Лин и Тушемиште, каде на изворите никне современо уреден спорско рекреативен центар со угостителски содржини на претек.

Од нашата страна ниту лопата, освен она што го направи дедо Нектарије од Црквата, колку да ни го обели образот. Од државата ништо. Патот од Охрид до Свети Наум, мегудржаверн (!) е оној што ни го остави Ј.Б.Тито. Ниту метар поправки, два автобуси, во исто време, не можат да се разминат!

Појдете малку потака во Корча, за да ја видите сета разлика со нашето опасно заостанување и застранување. Нивната чаршија е темелно очувана, ве враќа во ситуација пред векови, охридската е темелно уништена.

Таму е се камен и дрво, овде е се прилепски мермер и пластика. Во старата охридска чаршија ги однесоа гранитните камени коцки, некаде ги продадоа, за да ги заменат со некаков тотален кичерај!

Некогаш, Охрид и Корча биле бара-бар, со чаршиите, со еснафот, со амбиентот. Денес, во Охрид немате ниту процент од она што е во Корча!

Како тоа најтврдата комунистичка диктатура (Енвер Хоџа) го очува она што овде го уништија нашите демократи и космополити!? Уште и зад УНЕСКО се сокриваме!

Појдете уште погоре во Москополе. Нема ниту метар асфалт, сите улици се поплочени со оригинални камени блокови, како пред стотини години.

Урбаната мафија, во здушна соработка со подмитената бирократија,  од Охрид направи една голема спална, во која, веќе утре, ќе можете да преспиете, но како да стигнете до неа? Без пристапни патеки, без паркинг простор, лете кружиме околу блоковите, безуспешно и неутешно.

А, прилазите откај Битола и Кичево, демек, автопатите – приказна за себе. Да не им веруваш на очите и ушите.

Ресорниот министер, не теши дека, ете, до крајот на годината и од наредната ќе се возиме по новиот автопат. Само не кажува која година!?

Аларм: веќе, опасно заостануваме и застрануваме!!!

Веле Митаноски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе