Дали МИК Свети Николе ќе го пресели производството во некоја од соседните држави?

Свети Николе, 08.08.2023

Компанијата со најдолга традиција во месната индустрија во земјата – МИК Свети Николе, размислува да го пресели целото свое производство надвор од Македонија.

Ова можност ја најави Гоце Трајчев, претседател на Групацијата за производство на месо и преработки од месо при комората и извршен директор на Месна индустрија и кланица доо – Свети Николе. Главни забелешки се третманот на домашните компании од оваа индустрија во однос на увозниците, како и недоволната поддршка од државата.

„Зборувам од името на мојата компанија – МИК Свети Николе, после 65 години постоење сериозно и долгорочно целиот менаџмент размислува да се пресели целото производство во соседството, каде што ќе имаме многу подобри услови и многу подобар третман. И каде што во еден момент и ние ќе станеме странска компанија која што ќе продава и ќе извезува на нашиот пазар“, рече Трајчев.

Тој истакна дека компаниите од месната индустрија сакаат да продолжат да работат во нашата држава, да придонесуваат кон буџетот на државата, да вработуваат и да ги зголемуваат платите на вработените и да инвестираат во развојот на гранката, но за такво нешто неопходно е да се изедначат условите за стопанисување и контролирање, за како што посочи, „да можеме рамноправно да се бориме со сите конкуренти“.

„Итно донесете ново продолжување на мерката или некој вид трајно законско решение за намалување на царината на замрзнато свинско месо наменето за преработка, и итно поставете еднакви услови за контрола и правила на игра за сите учесници на пазарот, без разлика дали се домашни или увозни“, нагласи Трајчев.

Тој додаде дека наместо мерки и активности за подобрување на условите, домашните производители добиваат казни од сопствените институции, за што како единствена цел тие ја гледаат можноста за полнење на буџетот.

„За оваа проблематика разговараме и пред неколку години. Имено пред две години има одржано состаноци меѓу Групацијата и Агенцијата за храна, во конкретниот случај за третманот на месните производи според природните и дозволените граници на полифосфати во производите и има доставено официјално барање за усогласување на правилниците за предложување соодветни измени и мерки со цел да го немаме овој проблем“, рече Трајчев.

Според него, иако проблемот не е решен, како и пред две години така и сега домашните производи и компании добиваат забрана за производство и казни, додека увозните производи се пуштени во слободен промет, иако учеството на фосфати и полифосфати е над дозволените граници.

„Ова го поткрепивме и со анализи земени од слободен промет, на увозните производи кои што се наоѓаат низ маркетите“, рече Трајчев, додавајќи дека домашните компании кои што придонесуваат во Буџетот, директно и индиректно, и ги плаќаат и самите институции кои што ги контролираат, се прашуваат и се зачудени кого штитат нашите институции – домашното стопанство или увозните компании.

„Да потенцираме – воопшто не ни пречи контролата, ние ја поттикнуваме и ја охрабруваме и секогаш сме ја поддржувале, но таа треба да биде еднаква за сите. Во конкретниот случај, зошто домашните компании секогаш се први на удар, без воопшто да се исконтролираат увозните. Така што неоправдано се добива впечаток кај нашите потрошувачи дека домашните производи и производители се понеквалитетни од увозните. Што е далеку од реалното“, рече Трајчев.

Васко Ристовски, од Дирекцијата на здруженија и регионални комори при Стопанска комора на Северна Македонија, рече дека претставниците на месната индустрија веќе подолго укажуваа дека со важечките царински давачки, оваа индустрија беше ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред сѐ оние од соседството, но и од ЕУ.

„Готовите производи од надвор влегуваат во земјата со нула отсто царина, додека домашните преработувачи, при увоз на суровина плаќаат царина во висина од 20 до 35 отсто. Ова уште повеќе стана нагласено со функционирањето на Отворен Балкан. Во такви услови, ќе дојде до затворање на домашните капацитети или евентуално селење на производството во соседството. Доколку сакаме да опстане домашната месна индустрија, потребно е ослободување од царинските давачки по примерот на други преработувачки индустрии кои користат увозни суровини наведени во Сл.весник бр.39 од 2022 година“, рече Ристовски.

Тој потсети дека Владата пред три години во редовни економски услови го согледа овој проблем со кои се соочуваа домашните преработувачи и помогна со тоа што воведе мерка ослободување на 50 отсто од царината од потрошената увезена суровина. Taa мерка во овој период беше редовно продолжувана на секои шест месеци.

Податоците за домашното фармерско производство покажуваат дека, и покрај мерката за увоз на замрзнато свинско месо за преработка, тие бележат благо намалување.

„Ако се земе предвид фактот дека Македонија нема можност за извоз на свинско месо и на преработки од свинско месо во ЕУ, но и дека оваа индустрија задоволува 80-85 отсто од потребите за свинско месо за консумирање, произлегува дека месната индустрија ги откупила сите договорени количини и вишоци што се јавуваат, особено во периодот февруари-април, односно пред велигденските празници. Истовремено, со цел спречување на ширењето на болеста африканска свинска чума, која се појави во источниот дел од државата, компаниите од месната индустрија, на барање на Агенцијата за храна и ветеринарство, истовремено ги презедоа закланите свињи во радиус од 30 км за термичка преработка. Со тоа се излезе во пресрет на барањата на фармерите и на Агенцијата за заштита на домашното фармерство за спречување поголеми штети во него“, рече Ристовски.

Од друга страна, по последните случувања во Украина и по затворањето на европските земји за испорака, пред сѐ на суровини, дополнително се усложни работењето на домашните компании, наместо да се овозможи поголема предвидливост и планирање при набавката на суровина и при производството.

„За жал, итноста на барањето немаше да биде потребно доколку институциите и надлежните пред сѐ во случајов АХВ навремено и еднакво за сите ги спроведуваа предлозите и решенијата доставени од сите членки на групацијата на месопреработувачи при Стопанската комора (кои преставуваат 90 отсто од вкупните капацитети во државата). Наместо мерки и активности за подобрување на условите за стопанисување, домашните компании добија казни од сопствените институции“, посочи Ристовски.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе