АКАДЕМИК ВИКТОР ФРИДМАН ОД САД – ДОБИТНИК НА СВЕТСКАТА НАГРАДА ЗА ХУМАНИЗАМ ЗА 2023 ГОДИНА

Светската Награда на Хуманизмот, за 2023 година, доделена му е на професор д-р Виктор Фридман, од Универзитетот во Чикаго, САД, еден од најголемите американски и светски слависти.
Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи во среда, на 9 август, Св. Климент летен, во куќата на Уранија на МАНУ, во Охрид, со почеток во 12 часот.
Пригодни беседи за Фридман ќе одржат претседателот на Охридската академија на хуманизмот, Јордан Плевнеш и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој, и ќе му ја врачи наградата на добитникот, во присуство меѓународна асемблеја од гости, меѓу кои се и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО.
Со своја беседа на присутните ќе се обрати и лауреатот Виктор Фридман.
Свечени обраќања ќе имаат и претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и минатогодишниот добитник на Светската награда за хуманизам, академик Далимир Хајко од Братослава, Словачка.
Академик Фридман е седумнаесетти добитник, по ред, на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците: Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги на тој начин, изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.
Во рамките на овој свечен настан, ќе се одржи и Меѓународна конференција со наслов:„Охридската школа на хуманизмот од средниот век до денес“, на која меѓу другите, ќе учествуваат и Романо Проди, поранешен претседател на Европската Комисија и премиер на Италија, потоа Жан Патрик Конрад, претседател на Европската Академија на науките, уметностите и книжевностите од “Империјал Колеџ” во Лондон, Велика Британија, Херта Милер, добитник на Нобеловата награда за книжевност, амбасадорот на Словачка, Н.Е. Хенрик Маркуш, Вида Огњановиќ, врвен книжевен и театарски деец од Србија и други.
Со овој настан ќе се инаугурира и проектот за поставување на спомен-обележјето “Охрид Центар на Светскиот Хуманизам” за кое Советот на Општина Охрид донесе одлука да биде поставено во просторот Долна Порта, како единствено такво обележје во светот.
Идејата е на добитникот на Светската Награда на Хуманизмот, Светлин Русев, од 2014 година, кој предложи пред Интернационалното жири на Охридската Академија на Хуманизмот, да се подигне ваков тип на обележје во Охрид, градот на УНЕСКО.
Светлин Русев почина во 2017 година, додека Охридската Академија на Хуманизмот се обрати до Жарко Башески, еден од најголемите скуптори во македонската современа уметност, кој го изработи спомен-обележјето како свој авторски проект.
Неговите дела се присутни во над 50 музеи на модерната уметност низ цела планета.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе