Џеф Безос воведe нови насоки за новинарите на Вашингтон пост, уредникот на рубриката Мислења даде отказ

„Вашингтон пост“ доби нови упатства за објавување во рубриката „мислења“. Нив ги објави Џеф Безос, сопственикот на компанијата „Амазон“, во чија сопственост е и познатиот дневен весник. Безос нагласи дека ставовите во таа колумна ќе бидат поврзани со темите и вредностите на личните слободи и слободниот пазар.

Сопственикот на Амазон и еден од најбогатите луѓе во светот, Џеф Безос, најави нови упатства за објавување содржини во рубриката Мислења на вработените во Вашингтон пост, чијшто тој е и мнозински сопственик, пренесува РТС.

„Ќе пишуваме секој ден за поддршка и одбрана на двата столба – личната слобода и слободниот пазар. Се разбира, ќе опфатиме други теми, но ставовите што не се усогласени со овие столбови ќе бидат оставени за другите да ги објават“, вели Безос.

Тој додава оти имало моменти кога весниците, особено оние кои, како што истакна, имале локален монопол, потенцијално сметале дека е нивна должност секое утро на читателите да им нудат ставови на различни автори на различни теми. Денес, како што нагласува, таа работа ја врши интернетот.

„Јас сум дел од Америка и за Америка и горд сум на тоа. Нашата земја не стигна до овде со тоа што беше типична. Голем дел од успехот на Америка произлегува од слободите – во економската сфера и на други места. Слободата е етичка – ја минимизира принудата – и практична – ја поттикнува креативноста, иновациите и просперитетот“, истакна Безос.

Тој вели дека му предложил на досегашниот уредник на рубриката, Дејвид Шипли, да раководи со „новото поглавје“ на весникот.

„Му реков дека ако одговорот не е „да, без сомнение“, тогаш мора да биде „не“. По внимателно разгледување, Дејвид реши да се повлече. Ова е значајна промена, нема да биде лесно и ќе бара 100 процентна посветеност – ја почитувам неговата одлука. Ќе бараме нов уредник на рубриката кој ќе ја води кон оваа нова насока“, рече тој во објавата на X (Твитер).

Тој е убеден дека личната слобода и слободниот пазар се вистинскиот пат за Америка.

„Исто така, верувам дека овие ставови се недоволно застапени на сегашниот пазар на идеи и колумни. Возбуден сум што заедно ќе ја пополниме таа празнина“, рече Безос.

Новата насока предвидена за рубриката Мислења се чини дека е вртење кон десно за весникот, објави Њујорк тајмс. Новиот фокус на Безос ја повторува неформалната ознака на страниците со конзервативни мислења на Вол Стрит Журнал: „Слободни пазари, слободни луѓе“.

Вил Луис, главниот извршен директор на Вашингтон пост, во порака до вработените напиша дека промените „не значат застанување на страната на која било политичка партија“.

Мет Мареј, извршниот уредник на Вашингтон пост, пак, во друга порака до вработените вели дека промените ќе влијаат само на рубриката Мислења и нема да се смени мисијата на редакцијата „да се занимава со ангажирано, влијателно новинарство без страв и наклонетост“.

Потегот на Безос и заминувањето на Шпили веднаш предизвика јавни критики од новинарите на Вашингтон пост.

Џеф Стајн, главниот економски известувач на весникот, го нарече тоа „масовно влијание“ врз мислењето на новинарите со кое јасно се става до знаење дека „таму нема да се објавуваат или толерираат спротивставени ставови“.

„Сè уште не сум почувствувал вакво мешање во моето известување и пишување вести, но ако Безос се обиде да се меша и таму, веднаш ќе дадам отказ и ќе ве известам“, напиша Стајн на X.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе