ЕК: Наместо државни кампањи, за поддршка на медиумите се потребни одржливи решенија
Ваквата забелешка од Европската комисија доаѓа додека пратениците од власта и опозицијата во Собранието се согласија по скратена постапка и со европско знаменце да ги усвојуваат измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
Македонските власти мислат едно, додека Европската Унија кажува сосема различно во однос на повторното воведување на трошење јавни пари за државни и општински кампањи во медиумите. Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на патот кон ЕУ за 2023 година јасно наведува дека наместо државни кампањи, на медиумите им се неопходни одржливи решенија за нивна поддршка.
Ваквата забелешка од Европската комисија доаѓа додека пратениците од власта и опозицијата во Собранието на РСМ се согласија по скратена постапка да ги усвојуваат измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Поголема транспарентност е неопходна во однос на медиумското огласување од државните институции и политичките партии“, се наведува во Извештајот на ЕК за 2023 година.
Извештајот нотира и дека во ноември 2022 година имало обид на група пратеници да предложат амандмани на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои ќе им наложат на државните и локалните власти да организираат и финансираат кампањи од јавен интерес.
„Сепак, медиумскиот регулатор и некои здруженија на новинари ги критикуваат предлозите, потенцирајќи дека тие ќе ја поткопаат независноста на медиумите и ќе го нарушат медиумскиот пазар“, стои во најновиот Извештај на Европската комисија.
Наместо ова, ЕК бара од властите поодржливи решенија.
Во Извештајот се наведува дека и реформите во јавниот радиодифузен сервис МРТ се одложени, а се додава и дека одвојувањето средства за МРТ се одвива на дискреционен начин од владата за да се скратат неговите финансии. Се повторуваат критиките и од минатите години за неуспехот во изборот на Програмскиот совет на МРТ и советот како раководен орган на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Препораките на ЕК од минатата година остануваат актуелни и за наредниот период, а се додава дека е постигнат ограничен напредок во поглавјето „Слобода на изразување“. Она на што особено треба да работат властите во претстојната година е ревидирањето на правната рамка за медиумите на начин што истата ќе се усогласи со европското законодавство и стандарди, особено во делот на конкурентноста и правилата на државна помош и правата на интелектуална сопственост.
Европската комисија бара да се забрза имплементацијата на Стратегијата за реформирање на јавниот сервис и да се заокружи процесот во Собранието за избор на раководните тела на МРТ и на ААВМУ.
Воедно, Европската комисија бара да се продолжи со брз одговор на сите закани и акти на насилство против новинарите за да се осигура дека престапниците ќе бидат доведени пред лицето на правдата.
Инаку, доколку се усвојат предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од Собранието на РСМ, тогаш владата и општините ќе може да издвојуваат и по неколку милиони евра годишно за финансирање на кампањи кои ќе ги осмислуваат, а потоа и рекламираат на телевизиските и радио станици на национално, регионално и на локално ниво.
Нејасно е зошто овие законски измени се носат по скратена постапка и се со европско знаменце, ако се земат предвид критиките од Европската комисија во однос на оваа тема и во најновиот Извештај за напредокот на земјава.
Против враќањето на јавните пари во медиумите за државни и општински кампањи се огласија деновиве и професионалните новинарски здруженија и граѓански организации од медиумскиот сектор, кои категорично им се спротивставуваат на обидите за повторно враќање на државното рекламирање во медиумите.
Во заедничкото соопштение на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Центарот за развој на медиумите (ЦРМ) се вели дека одлуката од пратениците за усвојувањето на законските измени дополнително ќе ја засили коруптивната и клиентелистичка култура во медиумскиот систем.