Македонска Каменица, 20.09.2024
Над 16.000 пластични шишиња и лименки беа собрани во еко-акцијата „Рециклирај и добивај“, која во пресрет на Денот на рударите ја организираше Службата за заштита на животна средина на Рудник САСА. Средствата добиени од рециклирање на собраните пластични шишиња и лименки, дополнети со средства од рудникот САСА и неговите вработени, се донирани на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица, со што оваа еко-акција доби ѝ добротворен карактер.
Локалното население, особено најмладите членови на заедницата, со ентузијазам учествуваа во еко-акцијата „Рециклирај и добивај“. Тие на денот на спроведување на акцијата донесоа голем број пластични шишиња и лименки, при што за возврат добија пригодни подароци. Собраната амбалажа потоа беше рециклирана во повратните вендинг машини на рудникот САСА, а средствата добиени од рециклирањето, кои со одлука на менаџментот на Рудник САСА беа дуплирани, беа употребени за купување намирници за Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица.
Дополнително, голем број вработени на рудникот САСА ја поддржаа еко-акцијата со свои доброволни индивидуални донации. Овие донирани средства помогнаа да се набават нови фотелји, маси и полици за Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица, со што дополнително се унапредуваат условите за лицата кои престојуваат и се згрижени во оваа установа.
„Исклучително сме задоволни од успехот на оваа еко-акција. Нејзината реализација ни овозможи да постигнеме неколку цели на кои се посветени Рудникот САСА и неговите вработени, вклучително и јакнењето на свеста за заштита на животна средина и обезбедувањето поддршка за луѓето од заедницата, особено на оние на кои таа им е најпотребна. Сакам да изразам срдечна благодарност до сите кои учествуваа и ја поддржаа оваа еко-акција, покажувајќи истовремено висока еколошка свест и грижа за членовите на заедницата кои се потпираат на услугите на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица“, изјави Марија Стојановска, раководител на службата за заштита на животната средина во Рудник САСА.
Со својот хуманитарен карактер оваа еко-акција е една од многуте општествено одговорни активности кои континуирано ги организира рудникот САСА, а кои истовремено придонесуваат за заштита на животната средина, како и за просперитетот на локалната заедница.